14.8 C
Skopje

Дончиќ го запали теренот и ја одведе Словенија во Рига

Објавено:

Словенија ја запиша најважната победа досега на Еуробаскетот, совладувајќи го тврдоглавиот Исланд со 87-79 со што обезбеди место во осминафиналето во Рига. Со оваа победа профитира и Франција, која исто така патува во елиминациската фаза од Група Д, заедно со Полска и Израел.

Иако Исланд влезе во мечот како аутсајдер, уште еднаш покажа дека е најтврд орев во групата. Словенија имаше контрола и поведе со плус 14 (60-46) кон крајот на третата четвртина, но Исланд не се предаде и преку тројка на Хермансон стигнаа до негатива од само 5 поени (70-65) на шест минути пред крајот. Сепак, исклучувањето на Хлинасон и тројката на Хроват во завршницата ја решија драмата во корист на Словенците.

Лидерот Лука Дончиќ, иако не го погоди шутот од дистанца (2/10 за тројка), повторно ја покажа својата магија, па мечот го заврши со 26 поени, 7 скока и 4 асистенции. “Секогаш сум подготвен да помогнам, важно е што победивме”, порача Дончиќ по дуелот.

Исланѓанецот Мартин Хермансон блескаше со 22 поени и 6 асистенции, но тимот на Крег Педерсен плати скапо за 18 изгубени топки. Словенците тоа го искористија максимално, со 22-2 поени од загубени топки.

И покрај доминацијата на Хлинасон во рекетот (11 поени, 14 скока), тоа не беше доволно, па Исланд останува без победа (0-4) и со серија од 14 порази на Европските првенства.

Словенија, пак, по слабите стартни порази од Полска и Франција, ја најде вистинската форма и со Дончиќ во водство ќе ја чека Рига и елиминациските битки.

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено