Гостинска статија од Димитрие Маневски
Третиот мастерс од државното првенство во билијард донесе нови возбудливи мечеви, неколку изненадувања и дополнителна потврда дека во тек е една од најквалитетните сезони од формирањето на ова натпреварување. Во новоотворениот билијард клуб „Наде Центар“ во Тетово, најдобрите 16 играчи по трет пат оваа сезона ги одмерија силите, овој пат во дисциплината „10-ка“.
За првото изненадување не се чекаше долго бидејќи уште во првото коло фаворитот и победник на воведните два мастерс турнири Андреј Ѓурчиновски, на убедлив начин беше поразен од страна на Бленди Ќазими со резултат 6-3. Убедлив старт на турнирот и доминантна игра прикажа и Мирсад Зекири, кој оствари три последователни победи за пласман во полуфиналето, каде сепак беше сопрен од искусниот Христо Василевски со 6-2.

На другата страна од ждребот ветеранот Дејан Сипковски покажа константна игра на високо ниво и елиминирајќи ги двајцата млади фаворити Ѓурчиновски и Димовски, обезбеди финале и дуел со Василевски. Финалето изобилуваше со одлични удари и квалитетна игра под притисок. По почетната предност на Василевски и пресвртот на Сипковски, Христо Василевски успеа да ја преземе контролата и со конечни 6-4 да го освои овој мастерс, враќајќи се во најтесниот круг на кандидати за титулата. По три одиграни турнири, разликата помеѓу првите пет играчи изнесува само 250 поени, што значи дека трката за насловот „Државен првак 2026“ е целосно отворена.
Дивизијата „Б“ и овој пат понуди голем број на неизвесни мечеви во конкуренција на дури 90 натпреварувачи. Третиот турнир донесе и трет нов освојувач – Димитар Јованоски од БК „Конзули“ од Битола. И покрај поразот во првото коло, Јованоски забележа седум последователни победи и во финалето беше подобар од Ален Насуфи со убедливи 5-1. Насуфи и покрај поразот успеа да се искачи на врвот на табелата во дивизијата „Б“, со само 40 поени предност пред Јованоски. Вкупниот број на натпреварувачи на досегашните три турнири надминува 120, што е доказ за огромната популарност на овој спорт во Македонија.



