И покрај шпекулациите дека ќе им биде прогледано низ прсти, раководството на МЛС-лигата одлучи да ги казни своите најголеми ѕвезди. Лионел Меси и Жорди Алба се официјално суспендирани и нема да настапат на саботниот натпревар на Интер Мајами против Синсинати, поради тоа што го пропуштија ревијалниот Ол-Стар натпревар во средата.
Иако беа изгласани од страна на фановите и медиумите, двајцата поранешни играчи на Барселона не се појавија на спектаклот, што предизвика голема дебата во американската спортска јавност.
Правилата се правила, дури и за најголемите
Одлуката на лигата се заснова на долгогодишното правило кое вели: “Секој играч кој нема да учествува на Ол-Стар натпреварот, без претходно одобрение од лигата, нема право да настапи на следниот натпревар за својот клуб”.
Иако тренерот на Интер Мајами, Хавиер Маскерано, изјави дека Меси го пропуштил натпреварот поради замор, а Алба поради полесна повреда, тоа очигледно не било доволно за раководството на лигата.
Комесарот со тешко срце ја донел одлуката
Комесарот на МЛС, Дон Гарбер, призна дека ова била исклучително тешка одлука, особено кога станува збор за играч како Меси.
“Никој не направил повеќе за МЛС-лигата од Лионел Меси. Неговата одлука (да не присуствува) е нешто со кое не можам да се расправам и ја разбирам”, изјави Гарбер за “The Athletic”. “Но, за жал, имаме долгогодишно правило и моравме да го спроведеме. Се надевам дека и тој и сите останати ќе ја разберат и почитуваат оваа одлука”.
Гарбер најави дека во иднина ќе се разгледа можноста за промена на ова правило, но за сега, тоа останува на сила. Ова е јасен сигнал дека дури и најголемите ѕвезди не се над правилата на лигата.



