Еди Хау: “Њукасл ќе мора да најде начин да игра без Исак”

Објавено:

Можеби најголемата трансфер драма ова лето се одвива во Њукасл со нивниот напаѓач Александер Исак. И додека ситуацијата од ден во ден станува сè покомлексна во најмала рака, тренерот на Њукасл во најновото интервју изјави дека клубот “едноставно ќе мора да научи да игра без него”.

Последните информации се дека Исак не тренира со тимот на Њукасл, а сè поизвесно е дека нема да се појави ниту на првиот официјален натпревар од сезоната во Премиер лигата, против Астон Вила.

“Ситуацијата не е идеална. Мислам дека не е здраво за нас и нема да негирам дека ова ќе биде огромен предизвик за тимот”, вели тренерот Еди Хау за последните информации околу играчот.

“За мене Алекс е еден од најдобрите, ако не и најдобриот напаѓач во светот, па неговото отстуство ќе остави голема дупка во тимот. Ситуацијата сè уште се развива, но ќе мора да најдеме начин”, додаде тој.

Извор: https://x.com/SkySports_Keith

Гласините се дека Исак одбива да игра за Њукасл, чекајќи го својот трансфер во Ливерпул, но реалноста е дека тој сè уште има активен договор со клубот уште три години, без клаузла за рано прекинување. Од друга страна, Ливерпул досега достави само една понуда која беше експресно одбиена од страна на Њукасл, бидејќи не ги исполнувала финансиските услови кои претходно биле побарани од клубот.

“Секако дека ова влијаеше врз моралот на тимот во претсезоната. Не може да го негираме тоа и нема многу што можам да направам околу тоа. Знаете, кога имате толку добар играч, кој сега не е дел од екипата, прави тешко за играчите за да разберат што всушност се случува и како да реагираат на тоа. Но, како што поминуваше времето така дојде и прифаќањето дека ова сега е тимот и мора да извадиме максимум од ситуацијата. Тоа отсекогаш било моето сфаќање. Без разлика во која ситуација се наоѓате, мора да најдете начин да го контролирате она што е во ваша контрола”, вели тренерот на Њукасл.

Иако во моментов изгледа дека “бунтовноста” на Исак е нешто невидено, тоа всушност не е нешто ново во клубовите. Претходно низ историјата имало ситуации кога на пример Хари Кејн во 2021 година не сакаше да игра за Тотенхем, но на крајот сепак мораше да прифати дека има уште три години од договорот, за на крајот да одигра уште две фантастични сезони. Исто така, Суарез не сакаше да игра за Ливерпул, но мораше да остане и ја имаше една од најдобрите сезони дотогаш. Како ќе заврши оваа сага останува да видиме, но со почетокот на Премиер лигата утре и со затворањето на трансфер периодот за две недели, Исак нема уште многу време за преселба во Ливерпул.

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

Тазе објавено