Некои дресови се повеќе од само обично парче облека кое го носат фудбалерите, па во нашиот дел посветен за спортска култура често сакаме да пишуваме за добриот дизајн и приказната зад него.
Репрезентацијата на Јамајка во соработка со брендот Адидас го претставија новиот дрес посветен на реге легендата Боб Марли. Дресот е во црна боја со трите славни ленти во боите на знамето на Јамајка, додека гостинскиот е во жолтата боја.
Дизајнот изгледа фантастично, а промотивното видео го прикажува легендарниот Марли и неговите пораки за љубов кои совршено се вклопуваат во нарацијата дека фудбалот е повеќе од игра, или што би рекол самиот тој: „Фудбалот е слобода“.
Почит за легендарниот Алан „Скил“ Коул
Зад визуелниот идентитет на оваа кампања стои и една трогателна приказна. Во реализацијата на промотивните материјали учествуваше и легендарниот Алан „Скил“ Коул, кој за жал почина во септември 2025 година, кратко по снимањето на кадрите во Јамајка.
Адидас напишаа: Коул беше олицетворение на фразата „фудбалот е слобода“. Освен што му беше менаџер на Боб Марли и коавтор на култната песна „War“, тој беше и извонреден фудбалер. Алан ја претставуваше репрезентацијата на Јамајка и остана запаметен како еден од ретките фудбалери од овој остров кои заиграле во бразилското првенство. Со благослов на неговото семејство и фондацијата „Боб Марли“, ликот на Алан останува дел од видеото за новите дресови, како последен поздрав до неговата неверојатна приказна која ги инспирира и љубителите на музиката и фудбалерите ширум светот.
Уживајте!
for the game. for the culture. forever. ❤️ pic.twitter.com/egQrQKaeMu
— adidas Football (@adidasfootball) February 13, 2026



