Фудбалската магија во Монтереј, Мексико, го доби својот последен патник за Светското првенство 2026, но за жал на илјадниците боливиски навивачи кои го обоија стадионот „ББВА“ во зелено, тоа не е нивната репрезентација. Во големото финале на интерконтиненталниот бараж, Ирак славеше со 2-1 против Боливија, обезбедувајќи го последниот, 48-ми билет за претстојниот Мундијал.
Нашиот голем пријател, Мигел Замора Замарон (Miguel Zamora Zamarrón), кој беше на самото место на настанот, ни пренесува како изгледаше атмосферата на нивниот домашен стадион во Монтереј, но и невидената радост на Ирачаните кои се враќаат на светската сцена по точно 40 години чекање (нивно единствено учество беше во 1986 година, исто така во Мексико).
Инаку, Мексиканците уште еднаш докажаа дека ќе бидат одлични домаќини на Мундијалот, исполнувајќи го стадионот до последното место и уживајќи во фудбалската игра, дури и кога не игра нивната репрезентација.
Ирачаните чекаа 40 години да се израдуваат на Светско првенство! 🇮🇶 pic.twitter.com/rJs70NCP6B
— sportstation (@sportskastanica) April 1, 2026
Тридневна голгота крунисана со историски успех
Победата на Ирак е повеќе од спортски успех – тоа е триумф на волјата. Поради воените конфликти во нивниот регион, ирачките фудбалери поминаа низ вистински логистички пекол, патувајќи три дена од Багдад преку Јордан за да стигнат до Мексико. Под водство на австралискиот стратег Греам Арнолд, тие покажаа неверојатна издржливост.
Ирак поведе уште во 9. минута преку Али Ал-Хамади со прецизен удар со глава. Боливија, која претходно го елиминираше Суринам во вистински трилер, успеа да израмни пред крајот на првиот дел преку младиот талент Моисес Паниагва, кој повторно ги запали трибините во Монтереј.
Сепак, во 53. минута, капитенот Ајмен Хусеин постигна мајсторски гол во долниот агол за 2-1. Боливија до крајот напаѓаше фуриозно, изведе дури 16 корнери, но одбраната на Ирак издржа девет минути во судиското надополнување за историски пласман.
Боливија во солзи, Ирак оди во „Групата на смртта“
За Боливија ова е болно продолжување на постот кој трае веќе 32 години. Сонот кој изгледаше толку блиску по победата над Суринам, згасна во последната пречка.
Ирак, како последен квалификуван тим, се сели во пеколната Група И, каде веќе го чекаат велесилите Франција, Сенегал и Норвешка.
Уште еднаш, огромна благодарност до нашиот соработник Мигел за ексклузивните фотографии и видео материјали кои ни овозможија да ја почувствуваме атмосферата од Мексико како да сме таму! ¡Gracias de nuevo, Miguel!
Погледнете ја галеријата од одлучувачкиот меч во Монтереј:



