Ако во последниот период ги следите настапите на македонските фудбалери ширум светот, нема шанси да го пропуштивте неодамнешното шоу на Милан Илоски. Напаѓачот на Филаделфија Унион постигна хет-трик среде Мајами, а начинот на кој славеше, гордо истакнувајќи го македонското знаме на градите, предизвика вистинска еуфорија кај домашните фанови.
Но, како што детално анализиравме во нашата претходна сторија, паралелно со овие брилијантни настапи, на социјалните мрежи се плетеше една опасна приказна: дека Илоски наводно го одбил повикот да настапи за македонската репрезентација. Откако ги истраживме тие неофицијални гласини (поттикнати токму од вашите коментари на нашите објави) и јавно прашавме дали Милан навистина ѝ кажал „НЕ“ на Македонија, ви ветивме дека ќе ставиме точка на шпекулациите и ќе ја дознаеме вистината директно од изворот.
Спортска Станица го исполни ветувањето. За конечно да ја расчистиме маглата и да му дадеме простор на самиот играч, стапивме во директен контакт со Милан, кој во ексклузивен разговор за нашиот портал ја открива вистината за националниот тим, неговите корени и животот преку океанот.
Вистината за повикот: Лош тајминг, а не лош став!
Кога го прашавме за фамозниот повик и неговиот однос кон националниот дрес, Илоски беше брутално искрен. Тој потврди дека контакт со репрезентацијата навистина имало само еднаш, но во моментот поради чисто логистички и професионални причини во еден многу специфичен момент од неговата кариера тој изјавил дека не е во можност да пристигне во Македонија, а не дека го одбил македонскиот дрес поради непочитување или отфрлање на Македонија како што се ширеше во јавноста од некои „спектакуларни“ статуси на социјалните мрежи.
„Целосно сум отворен за играње за македонската репрезентација“. дециден е Илоски. „Единствениот пат кога бевме во контакт, јасно изразив дека штотуку го променив клубот, се вратив во САД и едноставно не можев да го напуштам тимот среде сезона додека траеше адаптацијата. Ја сакам мојата македонска култура и потекло, и сум им многу благодарен на луѓето во Македонија, како и на Македонците во Америка кои ги гледам со знамиња како ме поддржуваат на секој стадион каде што играм. Не сум сигурен што ќе се случи во иднина по Светското првенство, но Македонија ќе биде во моите мисли и длабоко ќе размислам за меѓународно претставување на земјата“.
Оваа изјава јасно покажува дека гласините за негово трајно откажување од Македонија се пренапумпани, и дека вратата за негов настап во црвено-жолтиот дрес е ширум отворена. Откако ги демантираше лажните вести и потврди дека македонскиот дрес останува реална опција за неговата иднина, Илоски одвои време да одговори на уште неколку брзи прашања за нашите читатели.

Скопските корени и изненадувачкиот квалитет на МЛС
Иако фудбалскиот пат го води низ различни предизвици, неговата врска со традицијата останува цврста. Илоски со гордост истакнува дека неговото семејство потекнува од „едно мало село веднаш надвор од Скопје“. Таа конекција е присутна и во неговото секојдневие. На прашањето кое е неговото омилено традиционално јадење, низ насмевка ни откри дека додека растел, омилен оброк му биле „јајца со Вегета и потпечено лепче со ајвар“ – вистински македонски класик!
Со оглед на тоа што минатото лето направи трансфер и го промени клубот приклучувајќи се на Филаделфија Унион, сосема природно беше да го прашаме како се одвива неговата адаптација во новата средина. Денес, тој максимално ужива во секојдневието во Филаделфија, град кој го опишува како неверојатен и полн со историја: „Jа сакам Филаделфија, тоа е навистина неверојатен град со огромен број историски знаменитости и многу сум среќен што живеам тука“.
По неговата авантура во Европа, транзицијата назад во САД донела неочекувано фудбалско изненадување за него.
„Искрено, бев многу изненаден од нивото на фудбалот. Доаѓајќи од Данска, која има многу добра европска лига, очекував дека тука ќе има пад во квалитетот. Но, ме изненади колку брзо порасна МЛС лигата и колку всушност е високо нивото на игра“, објаснува Милан.
И покрај тоа што моментално блеска на американските терени, вратата за камбек на Стариот Континент не е затворена. Запрашан дали еден ден повторно би заиграл под светлата на европскиот фудбал, Илоски остава простор за сите сценарија: „Воопшто не ја затворам вратата за враќање во Европа. Фудбалот е луд спорт и јас сум отворен за сите можности преку кои би се обидел да се подобрам и да го извлечам максимумот од мојата кариера“.
Едно е сигурно – Милан Илоски е фудбалер кој со гордост го носи македонското наследство. Со оглед на неговата форма и отворената желба, можеби наскоро македонските фанови наместо на клупско знаме во САД, ќе се радуваат на неговите голови во светиот македонски дрес. Ние може само да изразиме огромна благодарност до Милан што одвои време искрено и средечно да одговори на нашиот повик да ја дознаеме вистината, и искрено се надеваме дека еден ден ќе го видиме како и носи успеси на Македонија!



