Експресна разделба на Мехмедовиќ и Пелистер: Си отиде, ни дресот не го облече

 

Објавено:

Еурофарм Пелистер направи неочекуван рез во играчкиот кадар на самиот почеток од новата натпреварувачка сезона. Босанскиот среден бек Омер Мехмедовиќ, кој летово беше најавен како ново освежување за тимот на Лино Червар, повеќе не е дел од битолскиот ракометен колектив.

Авантура што заврши пред вистински да започне

Дваесет и шестгодишниот ракометар во мај беше промовиран како нов организатор на играта, пристигнувајќи од словенечката екипа Рико Рибница со договор на една плус една сезона. Мехмедовиќ уредно ги започна летните подготовки со екипата кон крајот на јули и одработи дел од тренажниот процес во Словенија, но не одигра ниту еден официјален натпревар за Битолчани.

Сепак, од засега непознати причини, раководството на клубот и играчот одлучија предвреме да ја прекинат соработката, многу порано од очекуваното.

Хит на социјалните мрежи: Немаа време ни за фотографија

Македонскиот вицепрвак преку своите официјални профили на социјалните мрежи му се заблагодари на босанскиот интернационалец со кратка порака: „Ти благодариме Омер и ти посакуваме среќа во кариерата!“.

Она што веднаш го привлече вниманието на ракометната јавност е фактот што клубот за прошталната објава мораше да искористи фотографија од играчот во дресот на неговиот поранешен клуб. Ваквиот расплет предизвика комични реакции кај навивачите, а еден од фановите со својот коментар урнебесно ја сумираше целата ситуација:

„Ни 3 месеци не помина, а како што гледам ни во дрес не сте го сликале“. Ова е само еден од коментарите, а ако сакате да уживате во битолскиот хумор, можете и сами да разлистате некои од коментарите на објавата на нивната Фејсбук страна.

Додека Мехмедовиќ е во потрага по нова средина, „пелистерци“ веќе ја отворија сезоната со триумф над Партизан (35-31) во Регионалната лига и максимално се фокусираат на претстојните предизвици во домашното првенство и натпреварите од групната фаза во Европската лига.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено