Славниот американски тенисер Енди Родик во својот поткаст „Served with Andy Roddick“ не го криеше воодушевувањето од победата на Новак Ѓоковиќ во епското полуфинале на Австралија Опен 2026. По четири часа и девет минути нестварна борба, Ѓоковиќ го совлада Јаник Синер со 3:2 во сетови, со што стана најстариот финалист во историјата на овој турнир.
„Посведочивме на чиста големина“
Родик, кој се пензионираше на 30-годишна возраст, признава дека е фасциниран од долговечноста на Србинот. Според него, начинот на кој Ѓоковиќ се справи со актуелниот шампион, кој во овој момент е во „животна форма“, е нешто што досега не е видено во спортот.
„Само што посведочивме на една големина повторно. Да се победи Синер кој беше доминантен, бранител на две последователни титули… тој е како Новак пред десет години во моментов. Да го правиш ова на 38 години, со 14 години разлика… Ако уште некој го праша Новак за пензионирање во наредните шест месеци, треба веднаш да биде отпуштен“, се пошегува Родик.
Американецот го истакна фактот дека Ѓоковиќ успеа да ја прекине серијата од пет порази по ред против Италијанецот во најважниот момент, спасувајќи дури 16 од 18 брејк-топки.
Andy Roddick: “We just witnessed greatness. To do this at 38 years old — 14 year age gap — if anyone asks Novak Djokovic about retirement they should fired.”pic.twitter.com/sJZne0XrL5
— Danny (@DjokovicFan_) January 30, 2026
Синер е „ол-тајм“ голем, но Новак е феномен
За Родик, Синер веќе е на нивото на легендите, што ја прави победата на Новак уште позначајна.
„Никогаш не сум видел некој толку смирен во такво сценарио. Синер е играч кој ќе биде еден од најголемите на сите времиња. Можеби ќе освои 20 Грен слем титули, кој знае? Тој веќе има повеќе мејџори од Енди Мари. И да успееш да го победиш во пет сета на 38 години… тоа е нестварно“, додаде поранешниот број еден.
Финале од соништата: Против Алкараз за 25-та титула
По една година без освоен Грен слем трофеј (последен му беше УС Опен 2023), Ѓоковиќ сега стои на само еден чекор до историската 25-та титула. На патот му стои неговиот најголем ривал од помладата генерација, Карлос Алкараз.
Иако статистичките симулации му даваат предност на Шпанецот, по ваквата партија против Синер, никој повеќе не се осмелува да го отпише Новак. Како што вели Родик – додека тој победува вака, секој збор за пензија е чист апсурд.



