Ентони Гордон пристигнува на „Камп Ноу“ за 80 милиони евра!

 

Објавено:

Почетокот на летниот преоден рок носи огромна фудбалска сензација – според реномираните светски извори Барселона постигна целосен договор со Њукасл Јунајтед за трансфер на англискиот репрезентативец Ентони Гордон! Овој мега-трансфер вреден 80 милиони евра (плус клаузула од следна продажба) е веќе прифатен од англискиот клуб, а 25-годишниот крилен напаѓач ги договорил и личните услови со каталонскиот гигант.

Гордон ќе ги финализира последните административни детали пред да отпатува со репрезентацијата на Англија на Светското првенство во САД. Иако интерес за него имаше и од германскиот Баерн Минхен, Барселона беше најконкретна и најбрза во преговорите.

Зошто Барселона го избра Гордон, а не Маркус Рашфорд?

Ентони Гордон доаѓа на „Камп Ноу“ како директна желба на тренерот Ханси Флик и спортскиот директор Деко. Неговата задача ќе биде да ја покрие левата крилна позиција, улога која изминатава сезона ја имаше Маркус Рашфорд како позајмен играч од Манчестер Јунајтед. Иако Рашфорд имаше одлична сезона (14 голови и 14 асистенции), Барселона најверојатно нема да ја искористи опцијата за негов откуп од 30 милиони евра која истекува на 15 јуни.

Спортскиот сектор на Барселона смета дека Гордон е тактички подобар фит за високиот пресинг кој го бара Флик, а истовремено е разноврсен бидејќи може да игра на двете крила, но и како лажна деветка.

Иако обештетувањето за Гордон е драстично повисоко (80 милиони), Барселона финансиски го оправдува овој потег бидејќи играчот бара значително пониска плата од Рашфорд и поради неговата возраст може да потпише долгорочен договор, што овозможува сумата да се амортизира на подолг временски период. Со враќањето на новиот реновиран „Камп Ноу“ и ослободувањето од огромната плата на Левандовски, клубот верува дека конечно ќе се врати на „1:1“ правилото на Ла Лига.

Зошто Њукасл се откажа од својот најдобар стрелец?

Одлуката на Њукасл да го продаде Гордон доаѓа како директна последица од турбулентната и разочарувачка сезона во која клубот заврши на 12-то место во Премиер лигата. Иако Гордон блескаше со вкупно 17 голови во сите натпреварувања (вклучувајќи неверојатни 10 гола на 12 меча во Лигата на шампионите), Њукасл има очајна потреба од капитал за да го реконструира својот стар ростер.

Новата управа на „страчките“ (предводена од извршниот директор Дејвид Хопкинсон и спортскиот директор Рос Вилсон) сака да избегне повторување на хаосот од минатото лето кога во паника го продадоа Александар Исак. Брзата продажба на Гордон ќе им донесе инстант финансии (од кои 15% ќе одат за неговиот поранешен клуб Евертон поради стара клаузула) за да започнат со ангажирање на млади и квалитетни засилувања на повеќе позиции. Фановите на Њукасл уште во финишот на сезоната знаеја што се подготвува, откако Еди Хау мистериозно го остави својот најдобар стрелец на клупата на последните четири натпревари.

Проблем за Манчестер Јунајтед

Овој трансфер индиректно отвора голем проблем за Манчестер Јунајтед. Рашфорд, чија плата сега се враќа на преку 300.000 фунти неделно (бидејќи тимот на Мајкл Карик избори пласман во ЛШ), веројатно ќе мора да се врати на „Олд Трафорд“. Иако и двете страни се согласни дека е време за разделба, продажбата на Рашфорд ќе биде исклучително тешка мисија поради неговите високи примања.

Ситуацијата станува уште поинтересна ако се знае дека Гордон и Рашфорд директно ќе се борат за позицијата лево крило во стартниот тим на Томас Тухел за репрезентацијата на Англија на претстојното Светско првенство.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено