Епилог на хаосот во Прилеп: ФФМ ја „закова“ Победа – 4 меча без публика и 3.000 евра казна!

 

Објавено:

Хаосот во Прилеп од минатиот викенд го доби својот официјален епилог. Дисциплинската комисија на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) денеска ја соопшти одлуката по инцидентите на натпреварот од ВМФЛ меѓу ФК Победа и ФК Шкендија Арачиново.

Прилепскиот клуб е жестоко казнет. ФК Победа доби забрана за одигрување домашни натпревари со присуство на публика на следните четири (4) натпревари. Покрај суспензијата на стадионот, клубот ќе мора да плати и парична казна од 3.000 евра.

Во официјалното соопштение на ФФМ, како причини за казната се наведени повеќе сериозни прекршоци: „навредливо скандирање на национална основа, истакнување транспаренти со навредлива содржина, како и поради оштетување на стакло од соблекувалната на гостинската екипа и загрозување на безбедноста на гостинските фудбалери“.

Оваа одлука доаѓа по „војната на соопштенија“ за која SportStation веќе пишуваше. Потсетуваме, по мечот дојде до хаос кога лице се обиде насилно да упадне во гостинската соблекувална. Додека ФК Победа тврдеше дека инцидентот бил предизвикан од гостите кои фрлале шишиња , ФК Шкендија Арачиново се жалеше токму на „расистички навреди“ и загрозена безбедност, причини кои Дисциплинската комисија очигледно ги потврди во својата одлука.

Покрај казната за Победа, Дисциплинската комисија поведе постапки и против ФК Вардар и ФК Пелистер за употреба на пиротехника на меѓусебниот дуел, а докторот на Шкендија Арачиново, Осман Даци, доби еден месец суспензија.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено