Ни се ближи крајот на ноември 2025 година. Квалификациите се во својата драматична завршница, а светот се подготвува за ждрепката во Вашингтон на 5 декември. Возбудата за Светското првенство во САД, Мексико и Канада веќе се чувствува во воздухот.
Во пресрет на „лудото лето“, новинарите и аналитичарите на ESPN си поставија едноставно прашање: Ако Мундијалот започнеше денес, кој ќе го освоеше?
Гласовите се пребројани, а резултатите покажуваат јасен фаворит, но и неколку опасни предизвикувачи.
1. Шпанија: Апсолутен владетел (8 гласови)
Според експертите, актуелниот европски шампион е „тимот што треба да се победи“. Шпанија доби убедливо најмногу гласови, а причините се многубројни.
- Педигре и длабочина: Од голманската позиција (Симон и Раја), па сè до нападот, Луис де ла Фуенте има „слатки маки“. Дури и со повреди на клучни играчи, системот функционира беспрекорно.
- Ламин Јамал: Чудото од дете ќе има можност да ја води Шпанија до светска слава само шест дена по неговиот 19-ти роденден.
- Непобедливост: Шпанците ја „газат“ конкуренцијата во квалификациите со гол-разлика 15-0 во последните натпревари.
„Шпанија ќе го освои Мундијалот затоа што може да доминира со поседот и да ги измори противниците на пеколните горештини во САД“, анализира Марк Огден.
2. Англија: Ефектот „Тухел“ (3 гласови)
Веднаш зад Шпанија е „Гордиот Албион“, но овојпат со германска дисциплина. Томас Тухел е човекот кој конечно ги носи тешките одлуки.
- Храброст: Тухел јавно призна она што многумина го шепотеа, Кејн, Белингем и Фоден тешко функционираат заедно од самиот старт. Балансот е пред егото.
- Нова крв: Покрај искусните Кејн и Рајс, тука е плејадата млади ѕвезди како Елиот Андерсон, Адам Вартон и Морган Роџерс кои притискаат за место во тимот.
„Тухел е вистинскиот човек конечно да ја одведе Англија до победа. Тој знае како да се справи со големите ега подобро од кој било друг“, смета Жулиен Лоренс.
3. Франција: Напад од соништата (2 гласови)
Никогаш не ги отпишувајте „Триколорите“. Финалистите од последните два Мундијали (и победници во 2018) сè уште го имаат најстрашниот напад на планетата.
- Талент без крај: Напаѓачкото трио Мбапе – Дембеле – Олисе е кошмар за секоја одбрана.
- Искуство: Дидие Дешамп има тим кој знае како се победува на турнирски систем.
4. Аргентина: Бранителот на тронот (1 глас)
Само еден глас за светскиот шампион, но глас кој држи тежина. Аргентина има предност која европските екипи ја немаат – адаптација на климата.
- Рбетниот столб: Дури и Меси да нема ист импакт како во Катар, „рбетот“ на тимот е тука: Еми Мартинез, Ромеро, Енцо, Мекалистер и Алварез.
- Искуство: Ова е тим што знае како се игра под притисок.
Следете нè: Facebook | Instagram | X



