Евролига преглед: Драма во Истанбул, Пешиќ со пораз се врати на клупата, Дубаи го „сруши“ Милано!

Објавено:

Евролигата не разочара ниту овој вторник. Вечерта ја одбележаа драматични завршници, историски рекорди на тренерските клупи и продолжување на кризите кај некои од фаворитите.

Фенербахче го доби трилерот против Барселона

Во најголемото дерби на вечерта, Фенербахче славеше над Барселона со минимални 72-71. Херој на вечерта беше Вејд Болдвин, кој во последните секунди погоди три слободни фрлања, а потоа со блокада го сопре обидот на Кевин Пантер за победа. Тален Хортон-Такер и Тарик Биберовиќ постигнаа по 16 поени за тимот на Шарунас Јасикевичус, додека кај Каталонците најефикасен беше токму Пантер со 20 поени.

Дубаи подобар од „манекените“, Хапоел го расипа враќањето на Пешиќ

Дубаи славеше против Милано со 99-92 во меч каде доминираше од почеток до крај. Двејн Бејкон со 25 поени беше нерешлива енигма за италијанскиот тим, додека Мекинли Рајт додаде 19 поени и 9 асистенции.

Во Минхен, Светислав Пешиќ испиша историја како најстар тренер во историјата на Евролигата (76 години), но неговиот Баерн не успеа да го сопре лидерот Хапоел Тел Авив. Израелскиот тим славеше со 82-72, нанесувајќи му го деветтиот пораз во низа на баварскиот гигант. Елајџа Брајант со 18 поени го предводеше Хапоел до 13-тата победа сезонава.

ПАО го „преслуша“ Жалгирис, Валенсија сигурна против Басконија

Панатинаикос покажа шампионски карактер во Каунас. Иако Жалгирис водеше со 10 поени на полувреме, „зелените“ од Атина стегнаа во одбраната и со фантастична последна четвртина славеа со 92-85. Џеди Осман (22 поени) и Кендрик Нан (21 поен) беа клучни за триумфот на ПАО.

Валенсија на домашен терен ја совлада Басконија со 91-81. Иако гостите се обидоа да направат пресврт во финишот, тимот на Педро Мартинез остана присебен. Метју Костело со 18 поени и 6 скока беше прво име кај победниците.

Париз ја продлабочи кризата на Звезда

Како што веќе објавивме, Париз ја „торпедираше“ Црвена Звезда со 102-92. Со фуриозна серија од 20-3 во третиот период, Французите ги решија сите дилеми. Залудни беа рекордните 31 поен на Џаред Батлер за белградскиот тим.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

Тазе објавено