Додека Формула 1 се обидува да привлече нова, помлада публика преку активности како што е Нетфликс серијата „Drive to Survive“, како и давање приоритет на атрактивни, гламурозни локации на сметка на легендарните патеки, традиционалните европски фанови изгледа го губат трпението. Наместо планираната рекордна сезона, спортот веќе загуби две трки (Бахреин и Саудиска Арабија) поради кризата на Блискиот Исток, а сега пристигна нов удар – статистички дебакл од Јапонија на култната Сузука.
Најновите бројки за Големата награда на Јапонија во 2026 година откриваат загрижувачки тренд: додека ФИА форсира скапи градски трки, европскиот пазар, кој со децении е столбот на овој спорт, масовно ја исклучува телевизијата.

Шпанија и Франција: Навивачите веќе не се будат за „Сузука“
Најголемиот пад е забележан во Шпанија, каде гледаноста во живо е буквално преполовена. Трката во Јапонија изгуби неверојатни 49% од својата публика во споредба со 2025 година.
Гледаност во Шпанија (Сузука):
- 2026: 63.000 гледачи
- 2025: 124.000 гледачи
- 2024: 137.000 гледачи
- 2023: 152.000 гледачи
Овој постојан пад покажува дека ниту присуството на Алонсо и Саинц не е доволно за да ги натера Шпанците да го жртвуваат сонот во недела наутро. Слична е состојбата и во Франција, каде падот изнесува 43% (од 705.000 на 404.000 гледачи).
Традицијата губи од „шоу-бизнисот“
Германија и Австрија исто така бележат сериозен минус (Германија -21%, Австрија -36%). Очигледно е дека стратегијата на Ф1 да се позиционира повеќе како забавен производ отколку како чист спорт почнува да ги одвраќа долгогодишните фанови. Додека новите навивачи кои доаѓаат преку Нетфликс претпочитаат драми и градски трки под рефлектори како Лас Вегас или Мадрид, „пуристите“ кои ги ценеа техничките предизвици на патеки како „Сузука“ полека се повлекуваат, одвратени од новите регулативи сезонава.
Италија како единствен исклучок
Единствената светла точка во статистиката на гледаност е Италија, каде е забележан раст од 36%. Ова се должи исклучиво на „Ферари ефектот“ и успесите на младиот Кими Антонели во Мерцедес, кој триумфираше на Сузука со што стана најмладиот возач и првиот Италијанец кој забележа две последователни победи.
Од друга страна кога „црвените“ се конкурентни за подиум, италијанските „тифози“ се подготвени да не спијат цела ноќ, но тоа е повеќе национален феномен отколку глобален успех на Ф1 брендот.
Заклучок: Дали Ф1 го жртвува јадрото за краткорочен профит?
Со откажувањето на две трки на почетокот на сезоната и овој остар пад на гледаноста во Европа, јасно е дека Формула 1 се наоѓа на крстопат. Дали новите правила, приоритетот на скапи локации и маркетиншки трикови ќе успее да ги замени милионите лојални европски гледачи кои со децении го одржуваа овој спорт во живот? Бројките од Јапонија велат – веројатно не.



