Формула 1 се подготвува за својата најголема експанзија во последната деценија, а американскиот гигант Кадилак денеска откри емотивен детаљ кој ќе ги воодушеви љубителите на брзината. Првиот болид на тимот, кој ќе дебитира во 2026 година, официјално ќе го носи името Cadillac MAC-26.
Што стои зад името „MAC-26“?
Кратенката не е само техничка ознака. Таа значи Mario Andretti Cadillac 26, со што тимот му оддава врвно признание на последниот американски светски шампион во Ф1 (од 1978 година). Марио Андрети, кој имаше клучна улога во лобирањето за влез на тимот во „најбрзиот циркус“, не го криеше задоволството од овој гест.
„Тркањето е радоста на мојот живот. Ова е врвен комплимент за мене – дека тимот ги гледа моите години во спортот како значајни и вредни за ваква почест“, изјави легендарниот Андрети.
Ботас и Перез ќе го возат американскиот сон
Кадилак веќе ги започна подготовките на патеката. Искусниот тандем Валтери Ботас и Серхио Перез се возачите кои имаа чест први да го тестираат болидот за време на претсезонските тестови. Тимот веќе привлече огромно внимание со својот дизајн кој беше промовиран преку скапа реклама на Супер Боул, најавувајќи дека нема да бидат само статисти на гридот.
Трнлив пат до елитата
Патот на Кадилак до Формула 1 не беше лесен. Проектот започна под името на синот на Марио, Мајкл Андрети, но беше првично одбиен од Ф1 челниците. Дури по ребрендирањето и посилната поддршка од General Motors, спортот попушти и даде зелено светло за 11-ти тим на гридот од 2026 година.
Болидот MAC-26 својата официјална премиера во тркачки услови ќе ја има на 8 март 2026 година, на патеката во Мелбурн за Големата награда на Австралија.



