Раководството на Формула 1 соопшти дека будно ја следи воената ситуација на Блискиот Исток, откако Иран изврши серија напади со ракети и беспилотни летала врз воени бази на САД во земјите кои треба да бидат домаќини на претстојните трки – Бахреин, Саудиска Арабија, Катар и ОАЕ.
Откажани тестови на Пирели и безбедносни закани
Првата директна последица од ескалацијата е веќе видлива: компанијата „Пирели“ ги откажа планираните тестови на гуми за дожд во Бахреин кои требаше да се одржат викендов. Од компанијата соопштија дека одлуката е донесена исклучиво од безбедносни причини и дека нивниот персонал моментално е на сигурно во хотелите во Манама, додека се организира нивното враќање дома.
Ситуацијата е особено критична во Бахреин, каде една од погодените американски бази се наоѓа на само 30-тина километри од патеката и само 11 километри од меѓународниот аеродром.
Што вели Ф1: Среќа што караванот моментално е во Источна Азија
Иако тензиите се на највисоко ниво, портпаролот на Формула 1 смирува дека сезоната започнува според планот, бидејќи првите три трки се одржуваат далеку од конфликтната зона.
„Нашите следни три трки се во Австралија, Кина и Јапонија, а не на Блискиот Исток – тие трки се дури за неколку недели. Како и секогаш, внимателно ја следиме ситуацијата и работиме во тесна соработка со надлежните органи“, стои во официјалното соопштение.
Трката за Големата награда на Бахреин е закажана за периодот од 10 до 12 април, а веднаш по неа следи трката во Саудиска Арабија (17–19 април). Ова не е првпат безбедноста во овој регион да биде тема. Во 2022 година трката во Џеда беше под знак прашање откако проектил погоди складиште за нафта во близина на патеката за време на тренинзите.



