Додека Џорџ Расел и Мерцедес доминираат на патеката во Шангај, зад сцената во Ф1 падокот владее голема загриженост. Формула 1 тимовите се во исчекување на конечната одлука за одржувањето на претстојните трки во Бахреин (12 април) и Саудиска Арабија (19 април), кои се под знак прашалник поради воениот конфликт меѓу Иран и Израел кој се проширува во регионот.
До вчера официјалните профили на трката во Саудиска Арабија сè уште продаваат билети за настанот, а дали тој ќе се одржи или не, останува да видиме.
Опремата заробена, страв од напади
Ситуацијата е критична бидејќи патеката во Бахреин се наоѓа на само 30-тина километри од американска воена база која веќе беше цел на ирански ракетни напади претходно овој месец. Повеќето тимови оставија дел од својата опрема во Бахреин по предсезонските тестирања, а сега не можат да стигнат до неа. Британското Министерство за надворешни работи веќе издаде предупредување да не се патува во овие земји, освен ако не е неопходно.
„Она што е во Бахреин, таму и останува. Не можеме ниту да испратиме луѓе за да ја спакуваат опремата. Мораме да дознаеме што ќе се случува најдоцна до почетокот на следната недела“, изјави шефот на Хаас, Ајао Комацу.
Можна дупка од пет недели во календарот
Доколку безбедносната ситуација не се подобри, Ф1 најверојатно ќе биде приморана да ги откаже двете трки. ФИА веќе го откажа својот натпревар од Светскиот шампионат во издржливост (WEC) кој требаше да се одржи во Катар, што е јасен сигнал за нивото на опасност.
Ако Бахреин и Саудиска Арабија отпаднат, Ф1 нема да бара замени поради логистичкиот хаос кој би настанал. Тоа би значело дека по трката за Големата награда на Јапонија (29 март), ќе следи пауза од дури пет недели до трката во Мајами на 3 мај, а календарот за 2026 година би се скратил на 22 трки.
Доверба во раководството
И покрај хаосот, возачите и челниците на тимовите изразуваат доверба во претседателот на Ф1, Стефано Доменикали. Луис Хамилтон истакна дека верува во правилна одлука која ќе ја гарантира безбедноста на сите инволвирани.
„Знам дека Стефано ќе го направи она што е најдобро за сите нас и за спортот“, изјави Хамилтон во четвртокот пред новинарите. „Тоа е предноста да имаш добар лидер како него“.
Одлуката се очекува веднаш по завршувањето на викендот во Кина, пред да биде испратен новиот товарен авион со опрема кон Блискиот Исток.



