Екипата на вториот тим на Ред Бул, Рејсинг Булс претстави нов, впечатлив дизајн за своите болиди кој ќе го користи во текот на претстојниот тркачки викенд за Големата награда на Шпанија. Новиот изглед на болидот „VCARB 03“ е директно инспириран од визуелниот јазик на фудбалската култура и се совпаѓа со денешниот старт на Светското првенство во фудбал. Тимот со ова сака да му оддаде почит и на градот домаќин Барселона, кој е глобално препознатлив по својата огромна пасија кон овој спорт.
Скриени симболи во чест на трите земји домаќини
Покрај уникатните бои на самите болиди, тимот креираше и посебен фудбалски амблем наречен „VCARB FC“. Овој прилагоден грб во себе ги спојува традиционалното карирано знаме од авто-трките и три ѕвезди, кои ги симболизираат трите земји домаќини на овогодинашниот Мундијал – Мексико, Канада и Соединетите Американски Држави. Заедно со новиот изглед на болидите, сите членови на тимот во падокот во Каталонија ќе носат и специјално дизајнирана тимска облека која го следи истиот фудбалски мотив.
You’ll want extra time to enjoy this one 🤩 #F1 #VCARB #BarcelonaGP pic.twitter.com/5ah5LhxJ55
— Visa Cash App Racing Bulls F1 Team (@visacashapprb) June 10, 2026
Поддршка за младите уметници од сопствената платформа
Во реализацијата на оваа маркетинг кампања беа вклучени три млади таленти од креативната платформа на Рејсинг Булс: модната дизајнерка Хети Краутер, графичкиот дизајнер Флоренс Брнс и фотографот Езра Александер, кои добија задача да ја пренесат енергијата на фудбалските трибини во светот на Формула 1.
„Формула 1 и фудбалот се два глобални спорта со неверојатно страсни заедници, обединети со заедничко чувство за идентитет, креативност и култура. Преку ‘VCARB FC’ го славиме овој голем спој и ја обединуваме енергијата на двата света. Горди сме што им даваме можност на младите таленти да помогнат во обликувањето на вакви кампањи, носејќи свежи перспективи кои продолжуваат да ги поместуваат границите во светот на Ф1“, изјави генералниот директор на тимот, Питер Бајер.
All eyes on VCARB FC 👀 #F1 #VCARB #BarcelonaGP pic.twitter.com/DihNE2xr9e
— Visa Cash App Racing Bulls F1 Team (@visacashapprb) June 10, 2026
Навивачите ќе имаат прилика да го видат новиот изглед на болидите во живо на патеката веќе од утрешните слободни тренинзи во Барселона.



