ФА Куп спектакл: Сити и Ливерпул во војна за полуфинале, Вест Хем го закажа дуелот со Лидс!

 

Објавено:

Најстарото фудбалско натпреварување во светот, англискиот ФА Куп, влегува во својата највозбудлива фаза. По комплетирањето на петтата рунда и победата на Вест Хем над Брентфорд вечерва, познати се сите парови за четвртфиналето.

Среќата (или несреќата) сакаше двата најголеми фаворити за трофејот да ги „вкрстат копјата“ уште пред „Вембли“.

Предвремено финале: Сити против Ливерпул!

Апсолутниот блокбастер на оваа рунда ќе се игра на „Етихад“. Манчестер Сити ќе го пречека Ливерпул во натпревар кој многумина веќе го нарекуваат „финале пред финалето“. Гвардиола против Слот, сината страна на Манчестер против „црвените“ од Мерсисајд – овој дуел гарантира дека еден од двата главни претенденти ќе се прости од сонот за трофејот уште во април.

Вест Хем преку Брентфорд до пресметка со Лидс

Вечерва беше комплетирана и последната загатка. Вест Хем успеа да го совлада Брентфорд на пенали и со тоа го обезбеди својот билет за четвртфиналето, каде за противник ќе го имаат тимот на Лидс Јунајтед. За Лидс ова е прво четвртфинале по цели 23 години, па се очекува вистинска „лудница“ на теренот.

Дали е можен шок на „Стемфорд Бриџ“?

Челси доби на хартија најлесен противник, но во ФА Купот тоа не значи ништо. „Сините“ ќе го пречекаат тимот на Порт Вејл, кој е последнопласиран во Третата лига. Порт Вејл е најниско рангираниот тим кој остана во игра, откако приредија сензација со елиминацијата на Сандерленд.

Од друга страна, Арсенал својот пат кон полуфиналето ќе го бара на гостувањето кај единствениот преостанат претставник од Чемпионшип, тимот на Саутемптон, кој во претходната рунда го „зеде скалпот“ на Фулам.

Парови за четвртфиналето (4-5 април):

  • Манчестер Сити vs Ливерпул
  • Челси vs Порт Вејл
  • Саутемптон vs Арсенал
  • Вест Хем vs Лидс Јунајтед

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено