Денеска во Маранело, Ферари официјално ги тргна прекривките од својот нов болид за 2026 година – SF-26. Ова не е само уште една еволуција, а според тимот, станува збор за „целосно редефинирање на архитектурата на автомобилот“ за да се задоволат радикалните нови правила за шасијата и моторите кои стапуваат на сила оваа сезона.
Дизајн кој ги спојува минатото и иднината
На прв поглед, SF-26 воодушевува со својот изглед. По седум години користење на мат финиш, Ферари се враќа на сјајната (gloss) боја, што на болидот му дава поинтензивна и поагресивна црвена нијанса. Шасијата содржи значително повеќе бела боја, што е директна инспирација од историските болиди на тимот, но и од специјалниот дизајн виден во Монца минатата година.
Една од најистакнатите визуелни карактеристики е „назабениот“ раб на капакот на моторот, кој се спојува со продолжената „перка од ајкула“, решение кое треба да ја подобри аеродинамичката ефикасност.
Introducing the SF-26. Our 2026 challenger 🔴 pic.twitter.com/OMcIHjQx7p
— Scuderia Ferrari HP (@ScuderiaFerrari) January 23, 2026
Техничка револуција: Враќање на „Pushrod“ системот
Под хаубата и карбонските влакна, SF-26 крие големи промени:
- Суспензија: За првпат по 2011 година, Ферари користи „pushrod“ конфигурација на задната суспензија, што овозможува потесно пакување на задниот дел (компактно поставени внатрешни делови на болидот под неговата надворешна обвивка) и подобар проток на воздух кон дифузорот.
- Мотор: Новата хибридна единица е вистински инженерски потфат. Со елиминација на MGU-H системот и зголемување на моќноста на MGU-K на 350 kW, електричната компонента сега сочинува речиси 50% од вкупната моќност.
- Филозофија: Техничкиот директор Лоик Сера истакна дека фокусот бил на намалување на тежината и создавање флексибилна платформа која ќе овозможи агресивен развој во текот на сезоната.
Васeр: „Почнуваме од нула“
Тимскиот шеф, Фред Васур, не го криеше возбудувањето за време на презентацијата во Маранело, пред болидот да биде испратен на првиот „шејкдаун“ на патеката Фиорано.
„Ова е веројатно најголемата промена во регулативите во последните 25 години. Моравме да почнеме од нула на секоја тема. Овој болид е резултат на огромен тимски труд и претставува почеток на едно сосема ново патување“, изјави Васeр, упатувајќи и посебна благодарност до верните „Тифоси“ за поддршката по тешката 2025 година.
По денешното деби во Италија, Луис Хамилтон и Шарл Леклер се селат во Барселона, каде следната недела започнуваат официјалните претсезонски тестирања.



