Најтрофејниот македонски клуб, ФК Вардар, поднесе барање до Фудбалската федерација на Македонија за одложување на нивниот натпревар од првото коло за сезоната 2026/2027. Сепак, овој пат „куќата на фудбалот“ одлучи цврсто да застане зад сопствениот правилник. Барањето на „црвено-црните“ експресно беше одбиено, со што ФФМ испрати јасна порака дека професионализмот и еднаквиот третман мора да бидат пред клупските желби.
Систем од 36 кола не трпи импровизации
Календарот за натпреварување во Првата и Втората лига, како и во Купот на Македонија за претстојната сезона е веќе официјално усвоен и верификуван. Од ФФМ потенцираат дека распоредот е исклучително згуснат и не остава апсолутно никаков простор за дополнителни маневри или одложувања.
Дополнителен предизвик за оваа сезона е новиот формат. Првата лига ќе се игра по систем од дури 36 кола, што бара исклучително прецизно планирање на термините. Секое поместување на само еден натпревар може да предизвика домино-ефект и комплетно да го наруши регуларниот тек на првенството, што е луксуз кој нашиот фудбал не смее да си го дозволи.
Принципот на еднаков третман мора да се почитува
ФФМ во своето образложение се повика и на спортскиот аспект и практиката која се применува во модерните европски лиги. При подготовката на календарот е земен предвид европскиот стандард и ритамот на одигрување натпревари на секои три дена (четврток / недела / четврток). Оваа практика е неопходна за македонските клубови да се навикнат на европското темпо на игра.
За да нема дополнителни сомнежи и обвинувања за фаворизирање, Федерацијата потсети на минатата сезона. Тогаш, во име на еднаквиот третман на сите учесници, беа одбиени слични барања за одложување на натпревари дури и од клубовите кои во тој момент ја претставуваа Македонија во квалификациите за УЕФА натпреварувањата. Штом за нив немаше отстапки во ек на европски дуели, јасно е дека отстапки не може да има ниту за Вардар на самиот почеток на првенството.
Согласно претходно утврдениот план, новата сезона во Првата лига официјално ќе започне на 25 јули 2026 година, а фудбалерите на Вардар ќе мора да бидат подготвени за истрчување на теренот без разлика на нивните моментални внатрешни проблеми или недоволна подготвеност.



