Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) денеска го одржа своето редовно годишно Собрание, на кое присуствуваа 61 од вкупно 65 делегати. На седницата беа донесени неколку клучни одлуки кои се очекува да го променат начинот на функционирање на македонскиот фудбалски систем.
Како што е наведено во официјалното соопштение на ФФМ, делегатите едногласно ги усвоија Завршната сметка за 2025 година, Буџетот за 2026 година, како и одлуката за овластување на Управниот одбор за донесување на Стратегија за развој на ФФМ (2026-2030).
Најзначајната точка на дневниот ред беше усвојувањето на новиот Статут на ФФМ, прв по пауза од 15 години. Изработен во тесна координација со УЕФА и ФИФА, новиот документ предвидува целосна регионализација на фудбалскиот систем во земјата. Овој потег доаѓа по заедничката анализа која покажала дека значителен дел од досегашните Општински фудбалски сојузи биле нефункционални или постоеле само формално.
Претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ, во своето обраќање пред делегатите истакна драстична разлика во бројот на регистрирани фудбалери по спроведената пререгистрација. Според неговите зборови, бројката од 44.996 регистрирани фудбалери (во машка конкуренција) по пререгистрацијата паднала на 14.210 активни играчи. Тој потенцираше дека со новиот Статут се става крај на фиктивните клубови и се воведува системска контрола врз трошоците на федерацијата.

Генералниот секретар на ФФМ, Леонид Јандреоски, го презентираше извештајот за исполнување на Стратегискиот план (2021-2025), нагласувајќи дека фокусот на администрацијата останува на развојот на инфраструктурата, младинскиот и женскиот фудбал, како и на зголемување на транспарентноста во работењето.
Собранието ги усвои и сите извештаи за работата на претседателот, Управниот и Надзорниот одбор, како и на правните органи и лиценцните тела за изминатата година.



