ФФМ удри жестоко по Шкендија: „Парите не купуваат култура“

 

Објавено:

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) излезе со брутално и досега незапамтено остро соопштение по финалниот натпревар од Купот на Македонија меѓу Силекс и Шкендија. Дисциплинската комисија покрена обемна постапка против тетовскиот клуб поради серија тешки прекршоци на трибините и скандалозното однесување на играчите и раководството по завршувањето на мечот.

Куќата на фудбалот не штедеше зборови за да го осуди однесувањето на челниците на Шкендија, порачувајќи дека финалето наместо празник на спортот, се претворило во арена на провокации и примитивизам.

Лавина од обвиненија: Од нацистички симболи до исвиркување на химната

Дисциплинската комисија на ФФМ, по деталното разгледување на официјалните извештаи од делегатите, утврди долг список на прекршоци за кои Шкендија се соочува со ригорозни санкции.

Постапката против ФК Шкендија АД е поведена за следните точки:

  • Непочитување и исвиркување на националната химна: Навивачите на клубот ја исвиркаа македонската химна и одбија да станат за време на нејзиното интонирање.
  • Арсенал од пиротехника: Употреба на огромно количество пиротехнички средства во текот на целиот меч (евидентирани се точно 34 големи бакљи, 19 мали бакљи, 8 топовски удари и 14 светлечки бакљи).
  • Националистичко скандирање и истакнување знамиња со навредлива и недозволена содржина.
  • Истакнување на знаме со нацистичка содржина, прекршок за кој тетовскиот клуб претходно веќе беше санкциониран и од страна на УЕФА.
  • Навредливи скандирања директно насочени кон раководството на ФФМ.
  • Скандалозен бојкот на протоколот: Одбивање на фудбалерите и официјалните лица да ги примат сребрените медали, проследено со недоличен и деградирачки однос за време на самата церемонија.

„Барате алиби за сопствената неспособност и незнаење“

Во своето официјално соопштение, ФФМ упати директни и исклучително тешки критики кон раководните структури на тетовскиот тим, нагласувајќи дека финансиската моќ не подразбира и спортска култура.

„Парите и богатството не значат имање спортска и општа култура. Фудбалот и спортот воопшто бараат почит, одговорност и фер-плеј, а не провокации, навреди и поттикнување недолично однесување. Недозволиво е раководни структури и поединци, наместо да придонесуваат за смирување на тензиите, да создаваат атмосфера на поделби, провокации и континуирано барање алиби за сопствените неуспеси, неспособност и незнаење“, децидно порачуваат од ФФМ.

Федерацијата додава дека со одбивањето да се примат медалите е покажан директен презир кон институцијата, но и кон противникот Силекс, бидејќи ваквиот чин претставува фактичко непризнавање на остварениот спортски резултат. Последното соопштение на Шкендија беше оценето како „навреда за здравиот разум и интелигенцијата на спортската јавност“.

Постапка и за Кратовци

Дисциплинската комисија не го одмина ниту новиот освојувач на Купот. Поведена е соодветна дисциплинска постапка и против ФК Силекс АД, поради евидентирани националистички извици од нивните навивачки групи и употреба на пиротехнички средства за време на натпреварот.

ФФМ порача дека останува цврсто на ставот дека доследно и без исклучок ќе ги санкционира сите облици на насилство и недолично однесување, без разлика за кој клуб, поединец или функција станува збор.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено