ФФМ: Вардар под истрага за недолично славење, казни за Шкендија, Тиквеш и Брегалница!

 

Објавено:

Дисциплинската комисија при Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) излезе со најновиот пакет одлуки по разгледувањето на извештаите од изминатите кола во Првата и Втората македонска фудбалска лига. Како што е вообичаено за финишот на сезоната, на „тапет“ се најдоа голем број клубови, а изречените казни донесоа сериозни финансиски удари за буџетите на прволигашите и второлигашите.

Најзвучната вест е покренувањето на специјална дисциплинска постапка против најтрофејниот македонски клуб. ФК Вардар е под истрага поради недолично, потценувачко, дискриминирачко и деградирачко прославување од страна на фудбалерите на клубот, за што дополнително ќе биде одредена висината на казната.

Жестоки казни за национализам, банери против ФФМ и напади врз МВР

Покрај Вардар, најлошо помина тетовска Шкендија, која се соочува со вкупна глоба од преку 6.000 евра. Клубот е казнет со 5.000 евра за навредливо скандирање кон ФФМ и скандирање со националистичка содржина на дербито со Струга Трим Лум. Дополнително, со по 500 евра се казнети нивниот фудбалер Имран Фетаи (поради кршење врата по мечот со Силекс) и шефот на стручниот штаб Јетон Беќири (поради вербален напад врз припадници на МВР на истиот натпревар во Кратово).

Кавадаречки Тиквеш 1930 заработи две сериозни казни од вкупно 10.000 евра за дуелот со Аресими. Првите 5.000 евра се поради истакнување банер со навредлива содржина кон ФФМ, а дополнителните 5.000 евра се за користење пиротехника, топовски удари и попречување на камерман при вршење директен ТВ пренос.

Со висока парична казна од 5.000 евра се соочува и штипска Брегалница 2008 поради слаба организација, присуство на неслужбени лица и недозволен број редари на тензичниот меч против Шкендија Арачиново.

Гореше и на вечното дерби: Солени казни за пиротехника

Култното дерби помеѓу Пелистер и Вардар во рамките на 26. коло исто така донесе казни за двете навивачки групи. Битолчани ќе мора да платат 2.500 евра за користење на пиротехнички средства, додека „црвено-црните“ за истиот прекршок на тој меч се казнети со 1.000 евра. Вардар заработи уште една казна од 2.500 евра за пиротехниката на дуелот против Силекс во 31. коло.

Еве го и прегледот на останатите изречени казни од Дисциплинската комисија:

  • Шкендија Арачиново – 1.000 евра (пиротехника и влегување на претседателот на клубот на теренот против Брегалница).
  • Осогово Кочани – 300 евра (пиротехника против Шкендија Арачиново).
  • Детонит Плачковица – 150 евра (фрлање шише со вода на теренот против Брегалница).
  • Каменица Саса – 150 евра (фрлање шише со вода на теренот против Охрид Лихнидос).

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено