ФИФА планира 25 минути шоу на полувремето: Дали финалето ќе се претвори во Супер Боул?

 

Објавено:

Финалето на секое големо натпреварување ја губи својата вредност, светост и достоинство во моментот кога ќе се побара од него да биде паралелна естрадна претстава на славните музички ѕвезди. Пехарот го освојуваат фудбалерите на зелениот терен, а не танчерите и пејачите донесени да ја забавуваат публиката помеѓу двете полувремиња. Церемониите имаат свое место пред или по натпреварот, но нивното место дефинитивно не е среде најважниот спортски натпревар на планетата.

Но, ФИФА и организаторите во САД очигледно не мислат така. Во обид да го американизираат фудбалот и да го претворат во својот препознатлив „Супер Боул“, тие планираат да го прекршат основното фудбалско правило и да го продолжат полувремето на неделното финале на 20 до 25 минути (со реална опасност тоа да се развлече и до половина час).

ИФАБ правилата не важат кога парите зборуваат

Според официјалните правила на ИФАБ (бордот кој ги носи фудбалските правила), паузата помеѓу двете полувремиња „не смее да надмине 15 минути“. Сепак, ФИФА бесрамно го гази сопствениот правилник за да им направи место на изведувачи како Мадона, Шакира, К-поп групата BTS, Џастин Бибер, Бурна Бој… па дури и ликовите од Мапетовците и Улица Сезам!

Оваа музичка „турлитава“, курирана од фронтменот на Колдплеј, Крис Мартин, наводно ќе трае 11 минути. Но, проблемот е што огромната бина ќе треба да се монтира и демонтира директно на тревникот на „МетЛајф“ стадионот во Њу Џерси, што неминовно ќе ја развлече паузата.

Спортска катастрофа за играчите

Ова насилно наметнување на долго полувреме е вистинска спортска катастрофа за играчите и тренерите. Фудбалерите воопшто не се навикнати на толку долг прекин, кој целосно го руши натпреварувачкиот ритам, ги лади мускулите и драстично го зголемува ризикот од повреди. Шпанија и нејзиниот противник (Англија или Аргентина) ќе бидат жртви на овој маркетинг.

Ваквата лакрдија веќе ја видовме на дело. На неодамнешното финале на Копа Америка, играчите на Аргентина и Колумбија чекаа дури 26 минути во соблекувалните поради настапот на Шакира. Слична беше ситуацијата и на ланското Светско клупско првенство кога паузата траеше 24 минути.

Естрада наместо фудбал

За циркусот да биде комплетен, пред самиот почеток на натпреварот е закажана и „церемонија на затворање“ на која ќе настапат Том Круз, Лора Паузини, Никол Шерцингер, Роби Вилијамс и Јутјуберот IShowSpeed, додека Џенифер Хадсон ќе ја интонира американската химна.

Присилното 30-минутно полувреме за некаков „Супер Боул“ настап на Мундијалот е вистинска спортска абнормалност. ФИФА дозволи најголемиот фудбалски настан да се претвори во евтино американско шоу за масите на кои спортот им е во втор план. Ова веќе не е фудбал, ова е чист естраден бизнис во кој главните актери на теренот се оставени во сенка на профитот.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено