Дека фудбалот одамна престана да биде „најважната споредна работа на светот“ и стана само добро спакуван бизнис, потврдува и последниот потег на ФИФА. Инфантино и неговите соработници официјално потврдија: Светското првенство 2026 ќе се пренесува во живо на Тик Ток!
Додека вистинските фанови сонуваат за достапни билети и нормални термини, ФИФА реши да им се додворува на „зумерите“ со вертикални видеа, стикери и „гејмификација“.
Вертикален фудбал за генерацијата што нема трпение
Наместо фокус на квалитетот на играта, ФИФА сега ќе ни нуди сегменти од натпреварите во живо на Тик Ток, „зад сцената“ пристап за инфлуенсери и филтри кои треба да го направат Мундијалот „забавен“. Како да самите натпревари на најголемиот турнир не се доволни, па ни треба Тик Ток ѕвезда да ни објасни што се случува на тренинг.
Изговорот на ФИФА е дека сакаат да ги „приближат фановите до акцијата“. Вистината? Бројките велат дека корисниците на Тик Ток имаат за 42% поголеми шанси да купат нешто или да гледаат ТВ откако ќе видат содржина таму, па ова е уште една можност за зголемување на профитот.
„Ова е иновативна соработка која ќе ги поврзе фановите ширум светот на досега невидени начини, носејќи ги зад завесата и поблиску до акцијата од кога било“, изјави генералниот секретар на ФИФА, Матијас Графстром.
Претходно ФИФА го пробаа овој модел со Светското првенство во фудбал за жени, а сега за прв пат ќе биде достапен и на Мундијалот ова лето за машката конкуренција.
„Креатори“ со камери наместо новинари
ФИФА најави дека ќе им овозможи пристап до прес-конференциите и тренинзите на „селектирана група креатори“. Ова значи дека наместо стручни прашања од новинари со децениско искуство, ќе гледаме инфлуенсери кои си го бараат „совршениот агол“ за нивното следно вирално видео додека репрезентациите се подготвуваат за елиминации.
Политичките игри околу забраната на Тик Ток во САД експресно се решија кога се виде колкав колач од маркетингот е во прашање. Трамп ја „спаси“ апликацијата, а ФИФА веднаш втрча во прегратките на кинеската платформа.
Фудбалот каков што го знаевме полека исчезнува, заменет со 15-секундни клипови и филтри за разубавување.



