Еден од најомилените и најборбени македонски ракометари на сите времиња, Филип Миркуловски, и официјално се врати во македонскиот ракомет. На денешната прес-конференција, Ракометната федерација на Македонија (РФМ) со гордост го промовираше популарниот “Жути” во координатор на сите машки национални селекции.
По десет години поминати во германскиот Вецлар, каде што стекна огромно искуство прво како играч, а потоа и како тренер, Миркуловски се враќа дома за да преземе една од виталните функции за иднината на нашиот ракомет.
Нова мисија: Систем за иднината, фокус на младите
Во своето прво обраќање, Миркуловски ја истакна својата главна цел – развој на младинските категории и создавање на единствен систем на работа кој ќе ги поврзе сите репрезентации, од пионерската, која планира да ја формира, па сè до сениорскиот тим.
“Многу сум благодарен за довербата. Како и секогаш, тука сум да го дадам моето знаење стекнато со години во Германија. Младинските категории ќе ми бидат приоритет, да изградиме единствен систем и принцип на работа што ќе ја олесни работата и транзицијата на играчите во сениорската репрезентација”, изјави Миркуловски.
Тој додаде дека свесно ја одбрал оваа функција пред тренерската: “Можев да бидам тренер, но јас сакам да вложам во напредокот на македонскиот ракомет. Дома си е дома – секогаш е убаво да си тука.”
Поддршка од Федерацијата
Претседателот на РФМ, Александар Стефанов, истакна дека искуството на Миркуловски ќе биде од непроценлива вредност.
“За Миркуловски не треба да се трошат многу зборови. Тој со своите дела многу го задолжи македонскиот ракомет. Мислам дека може многу да придонесе и да го пренесе своето знаење на младите категории. Тој е пример за тоа како се сака националниот дрес и се надевам дека ќе излезат уште многу ракометари кои ќе се угледаат на него”, рече претседателот Стефанов.
Миркуловски, кој веќе ја започна својата нова функција, нагласи дека ќе има одлична соработка со селекторот Кирил Лазаров и останатите тренери, со цел заеднички да создадат успешна ракометна приказна за Македонија.



