Во првото издание на подкастот „Вистина или не“ со Миро Кацаров, гостин беше македонскиот репрезентативец Филип Талески, еден од најталентираните, но и најконтроверзно коментирани играчи на домашната ракометна сцена, особено откако неодамна го раскина договорот со Вардар.
Талески отворено зборуваше за својата кариера, односите со поранешни соиграчи, заминувањето од Вардар, но и за тоа како се чувствува кога медиумите, како што вели, „го користат за своја промоција“.
На едно од најдиректните прашања „дали би го поздравил Кирил Лазаров ако го сретне на улица?“, Талески без двоумење одговори: „Не“.
Тој додаде дека за него Македонија е секогаш приоритет, но дека „некој друг одлучува зошто е тоа дозволено така“, оставајќи впечаток дека постои длабока разочараност од начинот на кој се води националниот тим.
Талески потврди дека не разговара со својот поранешен соиграч и репрезентативец Филип Кузмановски: „Немам проблем со никого, ама кога некој ќе направи лошо, знам само да го пречкртам. Од моја страна мислам дека тој направи лошо, а за причината прашајте го него“.

На прашањето дали некогаш би заиграл за Пелистер, искрено одговори: „Не, секако дека не. Јас сум дете на Металург, меѓутоа после Металург за мене единствен клуб кој го сакам искрено е Вардар и мислам дека не би си дозволил таков луксуз прво да ги изневерам навивачите на Вардар, а потоа и самиот себе и да отидам во најголемиот ривал во Македонија, а тоа е Пелистер“.
На крајот од емисијата, полиграфот потврди дека Талески бил искрен во 28 од 30 прашања. Само на две не ја кажал вистината, но без да се открие кои биле тие.
Со својата искреност и директност, Талески уште еднаш покажа дека не се плаши да зборува за табу теми во македонскиот ракомет, без разлика дали се работи за лични односи, клубови или соиграчи.



