Финале на Истокот: Никс со моќна серија го прегази Кливленд за 2:0!

 

Објавено:

Њујорк Никс се наоѓа на половина пат до своето прво големо НБА финале по речиси три децении чекање. Во вториот натпревар од финалето на Источната конференција, избраниците на Мајк Браун одиграа фуриозно второ полувреме во преполниот „Медисон Сквер Гарден“ и славеа против Кливленд Кавалирс со убедливи 109:93, со што поведоа со 2:0 во серијата.

Ова беше деветта последователна победа за Никс во овој плејоф, што претставува најдолга постсезонска победничка низа во лигата по онаа на Бостон Селтикс од 2024 година на патот до нивната шампионска титула.

Тактиката на Кавс пропадна: Џош Харт одигра меч на кариерата!

Пред почетокот на овој дуел, стручниот штаб на Кливленд очигледно подготви одбранбена стратегија свесно да му остава отворен простор на Џош Харт на шутот за три поени, со оглед на неговиот скромен процент од зад линијата во плејофот (26.7%). На почетокот на мечот изгледаше дека тоа функционира, a по третото последователно промашување, Харт од фрустрација го гризна својот дрес и силно ја удри топката од паркетот.

Сепак, бекот на Њујорк не се откажа и брутално ја казни тактиката на гостите. Харт постигна рекордни 26 поени во кариерата, погодувајќи пет тројки од 11 обиди, а придонесе и со седум асистенции. Неговиот тренер Мајк Браун по мечот не штедеше комплименти, споредувајќи го неговиот придонес на теренот со она што некогаш во шампионските денови на Голден Стејт го правеше Андре Игудала.

Блицкриг серија од 18:0 во третиот период

За разлика од првиот натпревар каде Никс мораа да бркаат негатива од дури 22 поени во последната четвртина, овојпат прашањето на победникот беше решено многу порано. Кливленд добро се држеше во првото полувреме и на почетокот на третата четвртина успеа да израмни на 53:53.

Тогаш на сцена стапи Џејлен Брансон. Иако го заврши првото полувреме со скромни два поени, Брансон постигна тројка со која ја започна страшната серија на Њујорк од 18:0. Во тие пет минути, Харт погоди уште две тројки, а предноста наеднаш експлодираше на недостижни 71:53. Брансон го заврши натпреварот со 19 поени и рекордни 14 асистенции во плејоф кариерата, Микал Бриџис додаде 19, а Карл-Ентони Таунс оствари моќен дабл-дабл со 18 поени и 13 скокови. Во последната минута од мечот, кога стартерите веќе беа на клупата, навивачите во Гарден веќе гласно скандираа „Никс во четири!“.

Кливленд пред нов невозможен предизвик

Кавалирс ќе мора по вторпат во овој плејоф да се спасуваат од негатива од 2:0. Првата ѕвезда Донован Мичел постигна 26 поени, но повторно имаше бавен старт во првото полувреме, што ги подгреа сомнежите во јавноста дека игра со повреда. Џејмс Харден додаде 18 поени, но призна дека тимот потфрлил во клучните моменти.

Кавс имаа шанса да се приближат на едноцифрена негатива на осум минути пред крајот, но катастрофалниот шут од линијата за слободни фрлања (промашија дури 10 пенали со скромни 68.8%) ги уништи сите надежи за камбек. Серијата сега се сели во Охајо, а Кливленд ќе биде домаќин на третиот натпревар веќе в сабота навечер.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено