Кога започна ФИБА Евробаскет 2025, малкумина ќе се осмелеа да предвидат дека Финска и Грузија ќе се сретнат во борба за полуфинале. Но кошарката е игра на изненадувања, а овие две селекции покажаа дека срцето и вербата можат да ги урнат и најголемите ѕидови.
Прво Финците ја шокираа кошаркарската планета со сензационална победа над Србија. Само еден ден подоцна, Грузија приреди уште еден подвиг, елиминирајќи ја моќната Франција и испраќајќи ја дома предвреме. Со тоа, два големи фаворити за медал веќе се надвор од трката, а сцената е подготвена за историски двобој на двата “аутсајдери” кои повеќе не се гледаат така.

За обете селекции, ова е шанса од соништата. Финска никогаш не била во полуфинале, а најдобриот пласман го имале во далечната 1967 година, кога стигнале до шестото место. Грузија, пак, првпат е меѓу најдобрите осум од својата независност и сонува да го направи следниот чекор.
На паркетот ќе гледаме судир на два света: Лаури Марканен и неговата финска дружина од една страна, против грузиската тројка Шенгелија – Битадзе – Мамукелашвили од другата. Овој меч го има сето она што ја прави кошарката незаменлива. Емоции, страст, борба до последната секунда.
Останува утре да дознаеме чие име ќе остане запишано во златните страници на Евробаскетот.




