Новото издание на легендарната фудбалска симулација „Football Manager 26“ официјално се појави на платформата „Steam“, но првичните реакции од играчите се далеку од позитивни.
Наместо славен старт, играта моментално има „генерално негативна“ оцена, со илјадници корисници кои изразија незадоволство од техничките проблеми, комплицираниот интерфејс и чувството дека „ништо суштински не е променето“.
Од вкупно над 5.000 рецензии, повеќе од 3.900 се негативни. Главните забелешки се однесуваат на багови, бавни менија и збунувачки кориснички интерфејс, иако токму оваа нова визуелна надградба беше една од најавуваните иновации пред излегувањето.
Најгласниот критичар меѓу играчите, корисникот „Spittfire“, кој веќе има поминато над 60 часа во играта, напиша:
„Новата графика изгледа импресивно на прв поглед, но играњето станува напорно. Менито е тешко за снаоѓање и создава впечаток на нефункционален хаос“.
Сепак, не сè е негативно. Дел од заедницата го пофали новиот систем на тактики, кој донесе повеќе слобода и флексибилност за менаџерите што сакаат да експериментираат.
„Тактичките подобрувања се одлични. Ова е најсилниот дел на FM26“, додава истиот корисник.
Играта беше достапна во „Early Access“ формат кон крајот на октомври, што им овозможи на фановите порано да ја тестираат и да дадат повратни информации. Но и покрај тоа, финалната верзија очигледно не успеа да ги реши најчестите проблеми.
Како што забележа и „Eurogamer“ во својата претпремиерна рецензија, „ќе биде потребно време да се навикнеме на новиот систем“, предвидување што, според сè, се оствари.
Сега останува на „Sports Interactive“ да ги поправи грешките и да ја врати довербата на фановите во наредните недели. Дотогаш, за многумина „Football Manager 26“ повеќе наликува на бета верзија, отколку на целосен хит.
Следете нè: Facebook | Instagram | X



