(Фото) АФКОН 2025: Ова се ѕвездите на групната фаза – Мане, Марез и Дијаз во ист тим

Објавено:

Групната фаза на Африканскиот куп на нации (АФКОН) во Мароко понуди спектакл, драма и фудбалска магија, а Африканската фудбалска конфедерација (КАФ) официјално ги избра најдобрите 11 кои блеснаа во првиот дел од шампионатот.

Идеалниот тим е совршен спој на докажани ветерани и млади ѕвезди кои го освојуваат светот. Во формација 4-3-3, тимот изгледа застрашувачки.

Искуство на голот и бедем во одбраната

На голот неприкосновен е египетскиот „фараон“ Мохамед Ел Шенави (36), кој со своето искуство и лидерство беше клучниот фактор за Египет во тесните натпревари.

Одбраната ја предводат двајца марокански бекови – Нусаир Мазрауи десно и Јахија Атијат-Алах Ел Абди лево, кои беа незаменливи во двата правци. Централниот бедем го сочинуваат моќниот Едмонд Тапсоба (Буркина Фасо) и Аксел Туанзебе (ДР Конго), кој покажа неверојатна зрелост и смиреност.

Креативност и брзина во нападот

Средината на теренот е резервирана за „мозокот“ на Мароко, Брахим Дијаз, кој со својата визија ги отклучуваше противничките одбрани. До него се неуморниот Карлос Балеба (Камерун) како физичка сила и Адемола Лукман (Нигерија) кој беше постојана закана со своите втрчувања.

Нападот е „атомски“. Капитенот на Алжир, Ријад Марез, ја доби улогата на десно крило благодарение на своето мајсторство за креирање игра. На спротивната страна е младата ѕвезда на Брегот на Слоновата Коска, Амад Диало, додека во врвот на нападот е неуништливиот Садио Мане (Сенегал), кој продолжува да биде лидер и егзекутор.

За најдобар тренер во групната фаза е прогласен селекторот на Нигерија, Ерик Чел, кој тактички совршено ги постави „Суперорлите“.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено