Вевчанскиот карневал е познат по тоа што ништо не му бега – од висока политика до скандали, но оваа година „Република Вевчани“ ни го даде одговорот на прашањето што ја мачи фудбалската јавност цела есен: Каде е и како изгледа фанот што чека 5 победи по ред на Манчестер Јунајтед за да се исшиша?
Епа, го најдовме!
Василичарите повторно ја погодија целта во центар. Меѓу маските прошета „легендата“ со дрес на Јунајтед и фризура која тежи повеќе од одбраната на Мегваер.
Косата – симбол на страдањето
Како што можеме да видиме од ексклузивните фотографии кои ни ги испрати нашиот другар и верен читател Дејан Спиркоски, ситуацијата е критична.
Во едната рака држи топка која изгледа издувана како амбициите за титула, а во другата – лименка пиво, неопходен „анестетик“ за да се преживеат натпреварите на Јунајтед.
Друштво му прави Џокер – случајност? Не би рекле!
Дали е случајно што веднаш до него чекори маска на Џокер? Вевчанци суптилно ни порачуваат дека границата помеѓу тоа да си навивач на Јунајтед и целосно да полудиш е многу тенка.
Оваа маска е апсолутен хит и доказ дека маките на „Црвените ѓаволи“ станаа глобален (и локален) феномен за мајтап.
Ако имате и вие ексклузивност која сакате да ја споделите со редакцијата на Спортска Станица, пишете ни на contact@sportstation.mk.



