Има нешто посебно во старите македонски обичаи. Кога некој тргнува на голем пат, на голема мисија, се истура вода зад него, „да му оди како по вода, да се врати како по вода“.
Токму со оваа слика, со бокалот вода и црвениот автобус, сакаме да ја испратиме Фудбалската федерација на Македонија ‘на пат’. Ритуалот е завршен, среќата е повикана. Експедицијата на селекторот Благоја Милевски попладнево ги крена тркалата од скопскиот асфалт и се упати кон „Змејското гнездо“ – Кардиф!
Мисија: Второ место и историја без пораз
Ова не е обично гостување. Ова е финале пред баражот. Македонија во Велс патува со јасна математика и со куфери полни самодоверба.
На табелата сме израмнети, и ние и Велс имаме по 13 бодови. Но, благодарение на „поклонот“ од Лихтенштајн и нашата подобра гол-разлика, ние сме во пол-позиција. Во вторник (18.11) од 20:45 часот на „Кардиф Сити“ стадионот, на Македонија ѝ одговараат два од трите можни исходи: ПОБЕДА или НЕРЕШЕНО.
„Со сите сили на Велс“
Утрово, на терените на ФФМ, Барди и дружината го одработија последниот тренинг на домашно тло. Атмосферата е на највисоко ниво. Желбата е огромна не само да се завери второто место, туку и да се испише историја, да се заврши цел квалификациски циклус без ниту еден пораз!.
Кога можевме да останеме непоразени против „страшната“ Белгија, зошто да не веруваме дека можеме да го замолкнеме и Кардиф?
Распоредот до „Денот Д“
Репрезентативците вечерва пристигнуваат во Велс. Утре (понеделник) ги чека официјалниот тренинг на стадионот каде што ќе се кршат копјата, а селекторот Милевски и капитенот Енис Барди ќе ги споделат последните очекувања пред јавноста.
Водата е истурена. Патот е отворен. Среќно момци, направете нè горди уште еднаш! 🇲🇰



