Додека навивачите на Манчестер Јунајтед се радуваа на голот на Бенјамин Шешко во 96-та минута за спас од пораз кај Вест Хем, еден човек во Англија веројатно сакаше да пропадне во земја. Тоа е Френк Илет, попознат како „The United Strand“, кој веќе 16 месеци води битка со сопствената коса…и губи.
Залогот кој стана кошмар: 5 победи по ред или ништо!
Приказната започна во октомври 2024 година, кога Френк, изнервиран од променливата форма на тимот, вети дека нема да ја скрати својата коса сè додека Јунајтед не врзе пет победи по ред во сите натпреварувања. Она што тогаш звучеше како забавен предизвик, се претвори во маратон од скоро 500 дена.
Под водство на Мајкл Керик, фудбалерите од Манчестер влегоа во страшна серија. Ги победија Арсенал, Сити, Фулам и Тотенхем. На Френк му требаше само уште еден триумф, оној синоќа против Вест Хем, за конечно да ги извади машинките за шишање. Но, голот на Соучек и ремито во Лондон значеа само едно: бројачот се ресетира на нула!
The moment West Ham scored 😬✂️ pic.twitter.com/adT9Su8y4m
— 433 (@433) February 10, 2026
Руни „здивна“, Сити фаќа сеир
Овој „фризерски спектакл“ почна сериозно да му оди на нерви на легендарниот Вејн Руни. Настапувајќи во поткастот на Сем Алардајс, Руни не штедеше зборови:
„Овој лик ми ја проби главата! Зборуваме за Керик и за обидот на Јунајтед да врзе пет победи, а целиот фокус е на тоа дали тој ќе се шиша. Се обложувам дека ќе биде разочаран кога конечно ќе победат петпати, бидејќи тогаш веќе никој нема да знае кој е тој“, искрено си кажа Руни.
Од другата страна на Манчестер, администраторот на социјалните мрежи на Манчестер Сити не пропушти шанса да „фрли сол на раната“. Веднаш по мечот, тие објавија слика од Ерлинг Халанд со неговата препознатлива долга коса и порака: „Нема ништо лошо во тоа да ја пуштиш косата да расте“.
Што понатаму за „The United Strand“?
Видливо скршен на својот „watchalong“ стрим кој го следеа илјадници луѓе, Френк само кратко прокоментира: „Ова беше чуден меч“. Сега, со долги коса која станува симбол на нестабилноста на Јунајтед, тој мора да чека нова серија.
Јунајтед можеби е четврти на табелата и во добра форма, но за еден човек во Манчестер, секој натпревар без победа значи уште неколку сантиметри коса повеќе.



