Модерниот фудбал често се критикува дека ја изгубил својата душа и дека сè се врти околу парите и големите ѕвезди. Но, навивачите на холандскиот прволигаш Го Ахед Иглс (Go Ahead Eagles) нè потсетија што всушност претставува овој спорт – семејство.
Пред почетокот на првенствениот натпревар против АЗ Алкмар, трибините во Девентер не беа обоени во чест на некој славен напаѓач или трофеен тренер. Овој пат, огромната кореографија (тифо) долга 45 метри беше посветена на Карла Вити, жената која цели 28 години неуморно работеше во пералната и се грижеше за спортската опрема на клубот.
„Карла, клупска икона. Ти благодариме за сè!“
Карла (53) ја започнала својата приказна во клубот во 1998 година како волонтер. Како што самата се присетува, во првите години не ѝ било ниту дозволено да влезе во соблекувалната, а не била ниту дел од официјалната тимска фотографија. Со текот на времето, нејзината посветеност ја претвори од обичен работник во вистинска „мајка на клубот“.
Во чест на нејзиното заминување во пензија на крајот од сезоната, клубот и навивачите приредија изненадување кое ја остави Карла во солзи. Покрај огромниот транспарент со нејзиниот лик опкружен со историските дресови на клубот, играчите излегоа на загревање со маички на кои пишуваше „Карла, ти благодариме“, додека управата ѝ врачи специјална благодарница на самиот терен.
Carla, a laundry worker for 27 years at Dutch club Go Ahead Eagles, was honored with a tifo and pre-game presentation before she retires at the end of the season 👏
— Men in Blazers (@MenInBlazers) April 23, 2026
Sometimes football is brilliant 🥹pic.twitter.com/9uLGJ4fOcT
Овој гест е редок и прекрасен потсетник за сите оние невидливи херои кои работат зад сцената, луѓето без кои ниту еден спортски колектив не би можел да функционира. Резултатот на натпреварот (0:0) брзо ќе се заборави, но солзите на Карла и почитта од трибините ќе останат запишани како една од најубавите фудбалски приказни оваа година.



