Младиот чувар на мрежата, Иван Галевски, беше „џокерот“ на Кирил Лазаров кој целосно го смени текот на натпреварот против Украина. Со влегувањето на почетокот на второто полувреме, Галевски веднаш ја „заклучи“ мрежата, овозможувајќи ѝ на Македонија да направи серија и да стигне до заслужен пресврт.
По натпреварот, тој не го криеше задоволството, но остана цврсто на земја, потенцирајќи дека ваквите натпревари се клучни за калење на тимот пред претстојното Европско првенство.

„Шансата мора да се искористи“
Галевски смета дека осцилациите во играта се нормална појава на турнири од ваков тип, но победата е огромен поттик за самодовербата пред денешната пресметка со домаќинот.
„Секогаш може подобро, но задоволен сум од својот настап. Јас сум тука за да ја искористам секоја шанса што ќе ми биде пружена. Морам да ја истакнам и помошта од соиграчите во одбраната, кои во вториот дел ми дадоа дополнителен ветар во грб за заедно да стигнеме до оваа победа“, изјави младиот голман.
Денеска на мегдан со домаќинот
Според него, дуелот со Украина е одлична лекција за тоа што ја очекува Македонија на ЕП, каде што притисокот ќе биде сличен.
„Ова е добра увертира за да ги согледаме нашите недостатоци. Победата ни значи многу пред мечот со Швајцарија. Знаеме што не очекува денеска и одиме со полна самодоверба“, додава Галевски.
Македонската репрезентација денеска (сабота) во 18:00 часот ќе го одигра последниот натпревар на „Жолтиот куп“ против селекцијата на Швајцарија, натпревар кој воедно ќе биде и последна проверка пред почетокот на шампионатот.



