Драматичниот вчерашен ден од европските квалификации донесе нови патници за Светското првенство во 2026 година. Германија и Холандија со убедливи победи на свој терен ги потврдија првите места, додека Полска, Хрватска и Чешка обезбедија продолжување на надежите преку плејофот.
Група А
Германија 6-0 Словачка
Стрелци за Германија: Волтемаде (18), Гнабри (29), Сане (36, 41), Баку (67), Уедраого (79)
Германија ја завери својата деветнаесетта последователна мундијалска визa во меч што ја покажа целата свежина на тимот на Јулијан Нагелсман. Ник Волтемаде го отвори резултатот со силен удар со глава, а Словачка имаше идеална можност да израмни преку Ѓуриш, но Бауман благовремено реагираше.
Од тој момент германскиот ритам не опадна. Гнабри реализираше долга акција за 2-0, а Лероа Сане со две прецизни завршници по додавања на Вирц го реши натпреварот уште пред паузата. Притисокот продолжи и во вториот дел, кога Баку го зголеми водството по брза размена на топката. Дебитантот Уедраого ја заокружи вечерта со убаво реализирање по креативно додавање со пета од Сане.
Северна Ирска 1-0 Луксембург
Стрелец: Донли (44 пенал)
Северна Ирска ја заврши кампањата со минимална победа и стабилна дефанзивна партија. Донли прво имаше поништено погодок поради офсајд, но малку пред паузата беше сигурен од белата точка. Луксембург се обиде да се врати во игра преку Мартинс, кој со индивидуален пробив го натера Хазард на тешка интервенција. Домаќините го контролираа темпото во второто полувреме и мирно ги освоија трите поени.
Група Г
Малта 2-3 Полска
Стрелци за Малта: Кардона (36), Теума (68 пенал)
Стрелци за Полска: Левандовски (32), Вшолек (59), Жиелински (85)
Полска ја заврши работата на Малта, но победата не беше доволна за директен пласман бидејќи Холандија славеше на свој терен. Во Та’Кали се одигра дуел со многу пресврти. Левандовски го отвори резултатот по прекин, Кардона израмни од контра-акција, а Вшолек повторно им донесе предност на Полјаците по додавање на Левандовски. Малта се врати преку пенал реализиран од Теума по ВАР интервенција. Решавачкиот момент дојде пет минути пред крајот, кога Жиелински шутираше од дистанца и со одбиена топка го постави конечниот резултат.
Холандија 4-0 Литванија
Стрелци: Рејндерс (16), Гакпо (58 пенал), Симонс (60), Малeн (62)
Холандија го потврди првото место со една од најконтролираните партии во квалификациите. Рејндерс ја круниса брзата комбинација за водство, а до крајот на полувремето домаќините создадоа уште неколку зрели шанси. Во вториот дел мечот доби јасен правец. Гакпо беше прецизен од пенал, Симонс со технички прецизен удар го зголеми водството, а Малeн само неколку минути подоцна со продор од длабочина ја заокружи убедливата победа.
Група Л
Црна Гора 2-3 Хрватска
Стрелци за Црна Гора: Осмајиќ (3), Крстовиќ (17)
Стрелци за Хрватска: Перишиќ (37 пенал), Јакиќ (72), Влашиќ (87)
Хрватска остана непоразена во квалификациите, но само по драматичен пресврт во Подгорица. Домаќините искористија две рани грешки во одбраната и преку Осмајиќ и Крстовиќ стекнаа сериозна предност уште во првиот дел. Перишиќ намали од пенал, што го отвори патот за хрватскиот притисок. Јакиќ израмни по долга ВАР проверка, а во завршницата Влашиќ го искористи лошиот прием на противнички дефанзивец и стрелаше за целосен пресврт.
Чешка 6-0 Гибралтар
Стрелци: Дудера (5), Хори (18), Цоуфал (32), Карабец (39), Соучек (44), Хранач (51)
Чешка ги заврши квалификациите со убедлива победа и шест различни стрелци. Дуера го отвори натпреварот рано, Хори брзо го удвои водството, а Цоуфал со редок удар од далечина веќе во 32. минута го најави распадот на Гибралтар. До паузата погодија и Карабец и Соучек, а на стартот од вториот дел Хранач го постави конечниот резултат по мешаница по корнер.



