Германските фудбалери со фантастичен гест за своите навивачи – сами ќе им го платат скапиот превоз!

 

Објавено:

Фудбалерите на германската репрезентација ги воодушевија своите поддржувачи со фантастичен и редок гест на претстојното Светско првенство. Раководството на тимот и постарите играчи одлучија од сопствен џеб да го платат превозот на навивачите за последниот натпревар од групната фаза против Еквадор, кој ќе се одигра на 25 јуни во Њу Џерси. Оваа одлука доаѓа како директен одговор на енормно високите цени за локален транспорт со кои се соочуваат фановите во Соединетите Американски Држави.

Огромни трошоци и политичка војна меѓу ФИФА и локалните власти

Предтурнирските дебати во САД во голем дел беа насочени кон екстремно скапиот превоз од центарот на Њујорк до стадионот во Њу Џерси. Вообичаено, повратниот билет за воз на оваа релација чини 12.90 долари, но за време на Мундијалот цената е крената на нереални 98 долари (и ова со притисоци беше намалено од првичните 150 долари), додека најобичен автобуски билет чини 20 долари. Гувернерката на Њу Џерси, Мајки Шерил, ја бранеше оваа одлука со став дека со зголемувањето се штитат локалните даночни обврзници, обвинувајќи ја ФИФА дека категорично одбила да покрие какви било трошоци за транспорт на навивачите.

За германските навивачи ова е огромен културен и финансиски шок. За споредба, на Европското првенство во 2024 година, кое се одржа во Германија, локалниот железнички превоз беше комплетно бесплатен за секој што поседуваше валиден билет за натпревар. За навивачите кои веќе потрошија илјадници евра за авионски карти и скапи хотелски сместувања во Њујорк, овој дополнителен трошок беше огромен товар.

Извор: https://www.dfb.de

Акција во соблекувалната предводена од Џошуа Кимих

Гледајќи го финансискиот притисок врз фановите, најискусните фудбалери во тимот на селекторот Јулијан Нагелсман, предводени од капитенот Џошуа Кимих, решија самите да го субвенционираат патувањето. Германската фудбалска асоцијација (ДФБ) веќе испрати официјални мејлови до сите регистрирани навивачки групи со порака од тимот: „Целосно сме свесни за жртвите што ги правите за да бидете со нас ова лето, особено финансиските. Затоа, како тим, сакаме да ви помогнеме во ова предизвикувачко патување и организиравме бесплатен автобуски превоз“.

Германските репрезентативци обезбедија шатл-автобуси со вкупен капацитет за 4.000 навивачи, кои веќе можат да се пријават на официјалниот сајт на федерацијата. Доколку побарувачката ја надмине оваа бројка, патниците ќе бидат избрани преку случаен лотариски избор.

Градење на изгубениот култ кон репрезентацијата

Овој потег наиде на огромни пофалби во германските медиуми и се смета за клучен чекор во враќањето на довербата кај навивачите. По бламажите и раните елиминации во групната фаза на Мундијалите во 2018 и 2022 година, поддршката за националниот тим во Германија драстично опадна, а телевизиската гледаност беше преполовена. Со пласманот во четвртфиналето на Еуро 2024 и овој последен гест, Германија одново гради силен култ пред почетокот на првенството, каде што важи за еден од главните фаворити.

Германија го започнува својот мундијалски пат на 14 јуни против Курасао во Хјустон, по што следува дуелот со Брегот на Слоновата Коска во Торонто на 20 јуни, пред финалниот натпревар со Еквадор во Њу Џерси.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено