Судбината на капитенот на Кристал Палас, Марк Геи, изгледа веќе е запечатена.
Тренерот Оливер Гласнер пред вчерашниот натпревар со Борнмут откри дека дефанзивецот нема да потпише нов договор и дека ќе замине од клубот во текот на следната година.
“Мислам дека Марк веќе ни кажа дека нема да потпише нов договор, па ќе си замине следната година”, изјави Гласнер.
“Клубот сакаше да остане, му понуди нов договор, но тој реши да направи нешто поинакво. И тоа е нормално. Нашата задача е да најдеме најдобар начин како да се справиме со оваа ситуација и како да го направиме следниот чекор”.
Геи беше на чекор од трансфер во Ливерпул во последните часови на преодниот рок, но зделката пропадна во последен момент. Палас сè уште може да го продаде во јануари или пак да го изгуби без обештетување идното лето, кога му истекува договорот.
No matter the circumstance, this group will never give in pic.twitter.com/d4rKzdLF91
— Crystal Palace F.C. (@CPFC) October 18, 2025
Роден во јужен Лондон, недалеку од Селхерст Парк, Геи има 139 настапи за клубот откако пристигна од Челси во 2021 година. Оваа сезона ја носи капитенската лента, а токму тој го подигна првиот голем трофеј во историјата на клубот по легендарната победа над Манчестер Сити во финалето на ФА Купот.
Кристал Палас можеби ќе мора да се подготви за живот без својот лидер, играч кој стана симбол на новото лице на клубот.



