Денес Македонија играше пред преполните трибини на Националната арена “Тодор Проески” за прв пат можеби кога станува збор за не толку атрактивен противник. И тоа беше победа само по себе. Нашите фудбалери и тоа како заслужија после одлично одиграните квалификации, па ниту ремито со Казахстан од 1-1 не остава горчлив впечаток, иако имавме неколку шанси да дојдеме и до победата, кои за жал не ги искористивме.
Напротив, македонските фудбалери имаат причина за гордо крената глава по последниот меч на домашен терен од овој циклус. Покажаа срце, желба и борба до последната секунда, а солзите и разочарувањето на нивните лица по крајот беа најдобар доказ дека овие момци не играат за бод, туку за победа.
Од грешката на Столе до магијата на Барди
Натпреварот не започна според планот. По едно релативно мирно прво полувреме, шок во 54-тата минута. Столе Димитриевски, херојот од дуелот со Белгија, направи голема грешка која ја искористи Динмухамед Караман и го доведе Казахстан во водство.
Но, оваа репрезентација покажа дека има карактер. Носени од неверојатната поддршка од трибините, нашите фудбалери тргнаа на сè или ништо. И тогаш, на сцена стапи капитенот. Во 74-тата минута, Енис Барди постигна спектакуларен гол од слободен удар, вистинска мајсторија која ја “скина пајажината” и предизвика ерупција на стадионот. Иако до крајот имавме уште неколку чисти шанси, резултатот остана 1:1.
Погледнете ја мајсторијата на Барди, погодок кој веќе е во конкуренција за “гол на колото”, а според нас несомнено и ќе биде прогласен!
“Математиката” е на наша страна, баражот е речиси сигурен!
За “математичарите” и оние кои се грижат за табелата, ова реми не менува речиси ништо. Со победата на Белгија над Велс, дури и да победевме вечерва, Белгија повторно ќе беше на чекор до првото место.
Сега, сè се сведува на еден натпревар: директен дуел против Велс во Кардиф. Во моментов, ние сме во подобра позиција и имаме подобра гол-разлика, што значи дека и реми на тој меч најверојатно ќе ни биде доволно за да го освоиме второто место.
И најважно од сè – во секој случај, Македонија скоро сигурно веќе го обезбеди баражот за Светско првенство преку Лигата на нации, па на нашиот пат до Светското првенство има уште многу да се игра. Ништо не е изгубено, а најмалку надежта! Главата горе момци, ќе бидеме со вас каде и да треба низ светот за баражот!