Многумина се прашуваа до кога ќе успее Новак Ѓоковиќ да ја одржува својата топ форма и да остане на врвот во тенисот, но по сè изгледа годините почнаа да му стануваат предизвик на овој врвен тенисер.
После повредата со која се здоби во мечот против Карлос Алкараз во Мелбурн, Ѓоковиќ се врати на терените на турнирот во Доха. Но, уште во почетната фаза на Катар Оупен, тој изгуби со 7-6(4), 6-2 од Матео Беретини кој е рангиран на 35-то место на АТП листата.

Српскиот играч не успеа да ја скрши играта на Италијанецот, а после четири меѓусебни дуели кои ги добиваше Ѓоковиќ, Беретини успеа да дојде до победа.
Можноста на 24 кратниот Гренд Слем освојувач да се врати после здобиените повреди досега во неговата кариера беше навистина импресивна, но во последно време тој се соочи со зголемен број на повреди и физички предизвици.
Минатата година, Ѓоковиќ го повреди десното колено на француското натпреварување, но успеа да се врати после операцијата на време за да игра на Вимблдон, каде стигна до самото финале. Веднаш потоа, тој успеа да го освои и златниот медал на Олимпијадата.

Но, после поразот од Беретини, Ѓоковиќ на прес конференцијата изјави дека сè уште работи постојано на подобрување на својата игра, но се осврна и на скорешните повреди.
“Се трудам да ја подобрам мојата игра, како и сите останати. Но, мојата игра сега нема да се промени драстично. Има сè повеќе повреди. Работите не се исти како пред 10 или 15 години. Сè уште се трудам на дневна основа да се грижам за моето тело, но нема сомнеж дека тоа станува сè потешко. Но, со оглед на околностите, јас сè уште се трудам да го дадам најдоброто од себе”, изјави тој.