По епското финале во Мелбурн, Новак Ѓоковиќ преку социјалните мрежи му оддаде признание на новиот шампион Карлос Алкараз, но и испрати љубов до австралиската публика која безрезервно го бодреше.
Почит за „Младиот волшебник“
Новак не штедеше пофалби за својот ривал, нарекувајќи го Алкараз вистински историчар и достоен шампион.
„Битка на вековите. И за вековите. Дадов сè од себе денес, но не беше доволно. Браво Карлос, мал титану, млад волшебнику од Оз. Достоен шампион, огромен талент, прекрасна личност и создавач на историја“, напиша Ѓоковиќ.
Австралија останува во неговото срце
Иако не успеа да ја подигне 11-та титула, Ноле истакна дека атмосферата на овој турнир била една од најдобрите во неговата кариера.
„Австралија, толку многу љубов. Нема место како ‘среќниот слем’ и нема подобра атмосфера од онаа што ја доживеав на последните два меча. Засекогаш благодарен. Се гледаме наскоро“, порача легендарниот Србин, со што ги смири фановите кои стравуваа дека ова можеби е негово последно појавување во Мелбурн.



