Ѓоковиќ во тензичен дуел со новинар во Мелбурн: „Јас ги бркам Синер и Алкараз? Малку почит за изминатите 15 години!“

 

Објавено:

Новак Ѓоковиќ можеби имаше среќа со повредата на Музети за да стигне до полуфиналето на Австралија Опен, но на прес-конференцијата по мечот покажа дека неговиот борбен дух е поостар од кога било. Српскиот ас влезе во вербален дуел со новинар кој се обиде да го претстави како „ловец“ кој сега трча по новите млади ѕвезди, Јаник Синер и Карлос Алкараз.

„Зарем јас никогаш не сум бил брканиот?“

Тензијата во салата се почувствува кога новинарот го спореди сегашниот момент на Новак со почетокот на неговата кариера, кога тој беше во сенка на Федерер и Надал. Прашањето беше дали Новак се чувствува како повторно да „брка“ некого.

„Јас ги бркам Јаник и Карлос? Во која смисла? Значи, јас сум секогаш тој што брка, а никогаш не сум бил брканиот?“, возврати Новак со остар тон.

Откако новинарот се обиде да појасни дека мисли само на моменталната ситуација на Грен слем турнирите, Ѓоковиќ директно удри по неговиот пристап:

„Мислам дека е малку непочитување тоа што целосно го прескокнувате периодот од 15 години помеѓу моето бркање на Рафа и Рожер и ова сега. Во тој период јас доминирав на Грен слем турнирите. Важно е работите да се стават во перспектива. Искрено, не чувствувам дека бркам никого. Јас ја создавам сопствената историја“.

Почит за младите, но „бело знаме“ нема!

Иако бурно реагираше на споредбата, 10-кратниот шампион во Мелбурн не е слеп за реалноста. Тој призна дека Синер и Алкараз моментално играат на неверојатно ниво и дека се подобри од сите останати на турнејата.

„Дали се подобри од мене и од другите во овој момент? Да, се. Квалитетот е феноменален. Но, дали тоа значи дека излегувам на терен со бело знаме? Не. Ќе се борам до последната точка, до последниот удар и ќе направам сè за да ги предизвикам“, дециден е Новак.

Ривалството со Рожер и Рафа е недопирливо

За Ѓоковиќ, новата ера е одлична за тенисот и тој им посакува на Синер и Алкараз да доминираат во следните 15-20 години, но неговите најголеми ривали засекогаш ќе останат Шпанецот и Швајцарецот.

Со рекордната 25-та Грен слем титула на дофат, Новак порача дека неговиот фокус останува ист – испишување на историјата според сопствени правила. Следен на патот му е токму неговиот „џелат“ од претходните турнири, Јаник Синер, во меч што ќе биде многу повеќе од обично полуфинале.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено