Ѓорческа со моќен пресврт се пласираше во финалето на квалификациите на Вимблдон!

 

Објавено:

Најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа ја продолжува својата фантастична приказна во Лондон. Со импресивен пресврт и голема борба, Лина успеа да се пласира во третото, последно коло од квалификациите на престижниот гренд слем Вимблдон, откако со 2-1 во сетови (5-7, 6-2, 6-1) ја совлада Франциска Жорге од Португалија.

За триумфот на теренот број 10 беа потребни точно два часа и 23 минути игра. Иако Португалката го доби првиот сет во неизвесна завршница (7-5), тоа не ја поколеба нашата тенисерка. Напротив, во продолжението од мечот на теренот видовме вистинска доминација на Ѓорческа, која направи неверојатна серија од 12:3 во гемови.

Македонката тргна фуриозно во вториот сет, правејќи два брејка за водство од 3-0. Жорге се обиде да се врати, но Лина возврати со нов брејк во седмиот гем, пред рутински да го затвори сетот со 6-2. Слична слика видовме и во решавачкиот сет. Повторно рано водство од 3-0 за Ѓорческа, која и покрај еден претрпен брејк, не дозволи никаква драма и ја искористи втората меч-точка за убедливи 6-1. Интересно е што денешната програма во Лондон беше во прекин околу час и половина поради екстремно високите температури, но тоа не го наруши ритамот на Македонката.

Извор: https://www.mtftennis.mk

Утре е денот „Д“: Против Бронцети за исполнување на сонот

Утре, во финалето од квалификациите за влез во главниот ждреб, Лина Ѓорческа ќе се соочи со Лусија Бронцети од Италија, која со чисти 2-0 (6-3, 6-3) ја елиминираше Јустина Микулските.

Ова ќе биде трет меѓусебен дуел меѓу Ѓорческа и Бронцети, а моменталниот скор е изедначен (1-1). Двата претходни меча беа одиграни во 2021 година и двата беа решени во три сета – Италијанката славеше во Белинцона, додека нашата тенисерка триумфираше во Москва. Утрешниот дуел има огромна тежина, а цела Македонија ќе навива за Лина конечно да го обезбеди своето место на главните терени на Вимблдон.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено