Граѓанска војна во Маранело, Ферари заглави меѓу Хамилтон, Леклер и навивачите

 

Објавено:

Она што се случи во 38. круг на трката во Лас Вегас не беше само обичен тркачки инцидент меѓу двајца тимски колеги, туку детонација на темпирана бомба која во Маранело отчукува повеќе од една година. Уште во јуни 2025 година, на нашата платформа пишувавме дека зад совршените фотографии од пристигнувањето на Луис Хамилтон се кријат сериозни пукнатини, несогласувања околу развојот на болидот и притисоци врз шефот Фред Васер. Денес, во финишот на сезоната 2026, и самиот Васер веќе не може да ја сокрие реалноста, признавајќи дека односот меѓу Хамилтон и Шарл Леклер станал „неуправлив“ на човечко ниво.

Додека Ред Бул и Макс Верстапен славеа нова победа под светлата на Невада, во гаражата на Ферари владееше ледена атмосфера. Наместо мирна завршница на годината и одбрана на второто место во поредокот на конструктори, италијанскиот гигант се наоѓа среде внатрешен конфликт што се прелева од патеката во медиумите, па сè до социјалните мрежи.

Од очајни квалификации до нов судир на патеката во Невада

Ферари знаеше дека долгиот правец во Лас Вегас нема да му одговара на нивниот болид, но викендот тргна наопаку уште во квалификациите, каде двајцата возачи испаднаа во втората рунда. Леклер направи грешка во седмиот свиок на својот последен брз круг, додека Хамилтон го оштети подот на болидот уште на почетокот и загуби драгоцен потисок.

Nokian Tyres – Цела зима во ваш ритам

Во трката, сепак, заветрината на долгите правци им овозможи да се пробиваат напред, но со враќањето на брзината се вратија и старите навики. Хамилтон прво заработи казна од десет секунди бидејќи излезе надвор од патеката во дуелот со Ландо Норис и не ја врати позицијата, по што по трката повторно суптилно префрли дел од вината кон тимот, велејќи дека од боксот можеле да му кажат да го пропушти Британецот.

По враќањето од боксот на 14. место, Хамилтон до 35. круг повторно се искачи до шесттата позиција, престигнувајќи го Леклер. Иако само пет свиоци пред инцидентот возачот од Монако доби јасна наредба преку радиоврската да не го напаѓа тимскиот колега, во 38. круг Леклер се впушти во ризичен напад од внатрешната страна на седмиот свиок, удри во рабникот и го закачи задното тркало на Хамилтон, испраќајќи го седумкратниот шампион во вртење. Леклер доби казна од десет секунди и падна од шестото на десеттото место, додека Хамилтон заврши седми.

Реакцијата на Васер беше молскавична и сурова. Тој го повика Леклер на разговор веднаш штом излезе од болидот, а потоа пред новинарите без влакна на јазикот го нарече потегот неприфатлив и израз на непочитување кон тимот, спонзорите и работата на две илјади луѓе. Ова беше веќе трет сериозен судир меѓу нив сезонава, по стартот во Монца и хаосот во првиот круг во Мексико Сити, по што очигледно не помогнале ниту сериозните разговори одржани во Сао Паоло.

Nokian Tyres – Цела зима во ваш ритам

Старата ПР машинерија и судирот на навивачките армии

Сепак, вистинската драма во Ферари не се случува само при кочењето во свиоците, туку во начинот на кој се креира јавниот наратив по секој викенд. Откако италијанскиот тим годинава подготви поконкурентен болид, на Хамилтон му се врати самодовербата, а со неа се разбуди и неговата добро позната ПР машинерија потпомогната од британските медиуми.

Најдобар доказ за тоа беше претходниот инцидент во Мексико Сити. Иако голем дел од познавачите на Формула 1 сметаа дека токму Хамилтон сноси голема одговорност што двајцата излетаа од патеката и му го отворија патот на Верстапен до победата, британскиот печат целосно ја сврте приказната против Леклер. Притисокот отиде дотаму што еден новинар на „Дејли Мејл“ упати директни навреди кон Леклер, поради што ФИА мораше да му ја одземе акредитацијата и да му забрани влез на трките до крајот на сезоната.

Ова не е прв пат армијата на британски медиуми да создава исклучително голема тензија кога се во прашање „противниците“ на Хамилтон, без разлика дали станува збор за ривали од друг тим или тимски колеги. Тоа е веќе видено сценарио, истото низ кое своевремено минуваа и неговите поранешни тимски колеги Нико Розберг и Фернандо Алонсо. Секако, тука е и Макс Верстапен во своите битки против Хамилтон, кој беше особено озогласен после освојувањето на првата титула во последната трка од сезоната во 2021 година, нарација која целосно излезе надвор од контрола и со неговото „виланизирање“ во серијата која донесе нова плеада на фанови, но не и познавачи на спортот – „Drive to Survive“.

Со доаѓањето во Маранело, Хамилтон ја донесе и својата огромна, фанатична и често токсична лична база на фанови директно во срцето на најстрасната навивачка армија во Формула 1. Денес, под секоја објава на официјалните профили на Скудерија се води вистинска војна во коментарите. Од едната страна се приврзаниците на Хамилтон кои по секој инцидент бараат Леклер да биде избркан од тимот, а од другата страна се верните Тифози, за кои Леклер и понатаму е принцот од Маранело и симбол на тимот.

Невозможна дилема за 2027 година и враќање на гласините за Хорнер

Додека Леклер по Лас Вегас јавно ја прифати вината и изјави дека се чувствува посрамено пред тимот, Хамилтон повторно одигра искусно пред камерите, порачувајќи дека го дал својот максимум и дека се надева оти луѓето во позадина конечно ќе ги средат работите. Во превод, сиот притисок повторно е префрлен врз раководството на Ферари.

А бројките велат дека Ферари нема победа уште од Силверстоун на почетокот од јули и на две трки пред крајот сè уште мора да брани предност од 77 бода пред Ред Бул за вицешампионската позиција кај конструкторите. Наместо целата енергија во фабриката да биде насочена кон создавање шампионски болид за 2027 година, во Маранело се троши драгоцено време на смирување ега и гаснење медиумски пожари.

Токму затоа, пред челниците на Ферари стои речиси невозможна одлука за следната сезона, бидејќи со ваква атмосфера тимот тешко може да нападне титула. Дали да се прекине соработката со седумкратниот светски шампион и глобалната суперѕвезда каков што е Хамилтон, дали да се жртвува миленикот на навивачите Леклер кој неодамна потпиша нов договор, или пак цехот на крајот ќе го плати Фред Васер? Ако раководството реши да посегне по шокантна промена на командниот мост, старите гласини од летово за можен ангажман на Кристијан Хорнер одеднаш повеќе нема да изгледаат толку нереално.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

Nokian Tyres – Цела зима во ваш ритам
 
Nokian Tyres – Цела зима во ваш ритам
 

Тазе објавено