Францускиот напаѓач Антоан Гризман синоќа и официјално го одигра својот последен натпревар пред навивачите на Атлетико Мадрид на стадионот „Метрополитано“. На натпреварот против Џирона, најдобриот стрелец во историјата на клубот го потврди своето заминување во американската МЛС лига, каде од претстојното лето ќе настапува за екипата на Орландо Сити.
По завршувањето на средбата, клубот организираше специјална церемонија која траеше повеќе од 30 минути. Пред преполниот стадион, Гризман излезе на теренот придружуван од своето семејство, соиграчите и стручниот штаб, при што го искористи моментот уште еднаш јавно да им се извини на навивачите за неговиот контроверзен трансфер во Барселона во 2019 година.
Everything you deserve, Grizi 💗 pic.twitter.com/P78CRstftE
— Atlético de Madrid (@atletienglish) May 17, 2026
„Тогаш бев млад, не сфатив колку ме сакате“
Гризман со емотивен говор се обрати до присутните на стадионот, ставајќи посебен акцент на неговото враќање во клубот во 2021 година и макотрпниот пат за повторно да ја добие довербата од трибините.
„Најпрво сакам да ви благодарам што останавте со мене. Второ, а ова е многу важно: знам дека многумина од вас веќе го слушнаа ова, но сакам пак да ви се извинам. Кога заминав, бев многу млад и не сфатив колку љубов и почит имав тука. Направив грешка. Сепак, се созедов и направивме сè што е во наша моќ за да се вратам и повторно да уживам со вас. Не успеав да донесам титула во Ла Лига или трофеј од Лигата на шампионите, но вашата љубов вечерва ми значи многу повеќе и ќе ја носам со себе до крајот на животот“, изјави Гризман.
❤️🤍 pic.twitter.com/OIIxtuUPtg
— Atlético de Madrid (@Atleti) May 17, 2026
Французинот упати посебна благодарност до клупскиот персонал, физиотерапевтите, семејството и капитенот Коке, а посебен дел од говорот му посвети на тренерот Диего Симеоне.
„Ти благодарам на тебе, Диего Симеоне, ти го промени овој клуб. Благодарение на тебе станав светски шампион и се чувствував како најдобар во светот. Беше вистинска чест да се борам за тебе на теренот“, додаде Французинот.
ANTOIIINE GRIEZMAAAN ⚡️ pic.twitter.com/WwoTse43cM
— Atlético de Madrid (@atletienglish) May 17, 2026
Симеоне, Коке и Торес со почит кон клупската легенда
На свечената церемонија говореа и клучните фигури на клубот. Тренерот Диего Симеоне, кој претходно го нарече Гризман „фудбалски генијалец“, истакна дека Французинот покажал огромна понизност кога решил да се врати и да тргне од нула за да ги придобие револтираните навивачи.
Капитенот Коке, кој со Гризман сподели 12 години во клубот, нагласи дека напаѓачот остава огромно наследство за идните генерации, додека легендарниот Фернандо Торес порача дека најголемата победа на Гризман е почитта и признанието што ги добива од 70.000 луѓе на трибините.
Антоан Гризман го напушта Мадрид како најдобар стрелец во историјата на Атлетико, оставајќи зад себе освоени трофеи во Лига Европа, Суперкупот на УЕФА и Суперкупот на Шпанија, како и статус на еден од највлијателните фудбалери во модерната ера на клубот.



