Манчестер Сити се соочува со вистинска кадровска катастрофа во дефанзивната линија по ремито со Челси (1-1). Менаџерот Пеп Гвардиола по натпреварот потврди дека најверојатно на подолг период ги загуби двајцата клучни столбови во одбраната – Јошко Гвардиол и Рубен Дијаз.
Ова е огромен удар за „граѓаните“, кои веќе подолго време се без Џон Стоунс, а новите повреди доаѓаат во момент кога тимот не смее да си дозволи ниту еден кикс во трката за титулата со Арсенал.
Кобен час на „Етихад“: Две повреди во еден натпревар
Проблемите започнаа на почетокот на второто полувреме кога хрватскиот репрезентативец Гвардиол мораше да биде изнесен од теренот по незгоден судир на половината од теренот. Десетина минути пред крајот на регуларниот дел, кога натпреварот беше на „нож“, и Рубен Дијаз побара измена поради болка во мускулот.
„Ќе видиме утре каква е состојбата, но не изгледа добро ниту за Јошко, ниту за Рубен. Рубен почувствува нешто во мускулот, а кога тој бара измена, знаете дека е сериозно. Стоунс го нема со месеци, сега ги губиме и нив двајца. Знаеме дека ниту Нејтан Аке не може да игра редовно на секои три дена. Мораме да најдеме решение“, изјави загрижениот Гвардиола.
Трката за титулата под знак прашалник
Ремито против Челси, во комбинација со претходниот нерешен резултат против Сандерленд, го остави Сити на шест бода заостанување зад лидерот Арсенал. Пеп призна дека тимот бил екстраординарен во сите сегменти освен во реализацијата, но сега главна грижа е како ќе изгледа тимот во среда против незгодниот Брајтон.
Единствената светла точка беше Родри, кој ги одигра сите 90 минути по долгото отсуство, но Гвардиола стравува дека со моменталниот ростер и повредите на Ковачиќ и Нико Гонзалез, физичкиот товар врз останатите играчи станува неодржлив.



