Гвардиола единствениот кој падна на својот тест: „Играчите се дисциплинирани, јас сум тој што се здебели!“

Објавено:

Пеп Гвардиола е познат по своите строги, речиси воени правила кога станува збор за физичката подготвеност на неговите фудбалери. Пред Божиќната пауза, Шпанецот испрати јасно предупредување до ѕвездите на Манчестер Сити: „Кој ќе се врати со вишок килограми, нема да патува за Нотингем!“.

Сепак, по враќањето на тренинзите на 25-ти декември, резултатите од мерењето донесоа неочекуван пресврт.

Халанд „чист“, Пеп со стомаче

Додека Ерлинг Халанд уште пред собирот се пофали на социјалните мрежи со фотографија од вагата на која стојат идеални 94,4 килограми и порака „Сè е во ред!“, Гвардиола призна дека тој е единствениот кој не ги поминал сопствените критериуми.

„Играчите се неверојатно дисциплинирани веќе десет години. Тие секогаш се однесуваат исклучително професионално и секој точно знае што се очекува од него. Но, морам да признаам – само јас се вратив здебелен. Качив неколку килограми, јадев и пиев шампањ, се опуштив малку повеќе за празниците“, изјави Гвардиола низ смеа.

Нема место за „дебелките“ во авионот

Иако се пошегува на своја сметка, Пеп останува немилосрден кога станува збор за составот. Пред само неколку дена тој изјави дека секој играч кој ќе дојде со три килограми вишок ќе остане во Манчестер и нема да биде во комбинација за денешниот дуел против Нотингем Форест.

„Мораат да ги видат семејствата и да заборават на фудбалот за момент, тоа е добро. Но, во моментот кога ќе се вратат, сакам да видам во каква состојба се. Може да јадат, но јас морам да ги контролирам“, додаде Шпанецот.

Гвардиола веќе има историја на казнување играчи поради тежината, а најпознат е случајот со Калвин Филипс по Светското првенство во 2022 година, кога играчот од средниот ред беше јавно критикуван и отстранет од тренинзите додека не ја врати линијата.

Сити во моментов е на само два бода зад лидерот Арсенал, па дисциплината (освен онаа на менаџерот) ќе биде клучна во трката за титулата.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено