Манчестер Сити вечерва гостува на „Стадионот на светлината“ кај Сандерленд, а главната приказна не е само борбата за бодови, туку враќањето на шпанскиот „генерал“. Родри, кој помина низ пеколен период по тешката повреда на вкрстените лигаменти во септември 2024, а потоа и проблеми со задната ложа, конечно е во комбинација за настап.
Пеп потврди: „Можеби ќе одигра неколку минути“
Менаџерот на „граѓаните“, Пеп Гвардиола, на прес-конференцијата пред мечот ги потврди позитивните вести, но истовремено повика на претпазливост.
„Родри се врати. Можеби ќе одигра неколку минути. Тој очајно сака да се врати на теренот. Покрај него, и Доку е блиску до враќање, додека Стоунс и Боб сè уште не се подготвени. Имаме седум или осум повредени играчи и не сме во најдобра форма со составот, но во однос на бодовите стоиме многу подобро од минатата сезона“, изјави Гвардиола.
Гордост по тешката сезона
Гвардиола се осврна и на минатата сезона (2024/25), која Сити ја заврши без трофеј и со голем заостаток зад Ливерпул. Пеп истакна дека јануарските засилувања го спасиле тимот од „катастрофа“ и играње во Конференциската лига, помагајќи му на клубот да обезбеди пласман во Лигата на шампионите.
„Кога рефлектирам на минатата сезона, поносен сум повеќе од кога било на тоа како како клуб се справивме со лошите ситуации. Тоа беше една од нашите најдобри сезони во однос на надминување на проблемите“, објасни Шпанецот.
Пеколен распоред во јануари
Враќањето на Родри доаѓа во клучен момент. По гостувањето кај Сандерленд, Сити ги пречекува Челси (4 јануари) и Брајтон (7 јануари). Веќе на 10 јануари следи ФА Купот против Ексетер, а три дена подоцна и првиот полуфинален натпревар од Лига купот против Њукасл на „Сент Џејмс Парк“.



